Настани divlje-jagode-482x298

5 јануари, 2013

Дивље Јагоде ѕвезди на карневалот во Вевчани

Вевчанскиот карневал, традиција долга над 1400 години и годинава нуди одлична забава за посетителите. Како ѕвезди на ова издание се најавени Дивље јагоде, бендот кој ќе настапи точно на полноќ на 12-ти јануари, а дел од музичка програма ќе бидат и Скандал састаф, Верица Ристевска, Пука козметика, како и Чаки Панкерот, Нино Величковски, Благица Павловска

„Радува фактот што овој карневал од година во година има сè поголем број посетители и нови содржини кои не само што наидуваат на позитивен одѕив кај домашните гости, туку претставуваат предизвик и за гостите од странство кои можат да се запознаат со нашата многувековна култура и традиција. Карневалот во Вевчани е традиција што трае, едно од најголемите духовни културни богатства на нашата земја. Токму затоа, Министерството за култура, и во иднина ќе продолжи преку годишните програми за култура да ја дава својата поддршка на Вевчанскиот карневал“ – истакна Драган Недељковиќ, заменик-министер за култура на РМ, кој додаде дека во 2011 и 2012 година Вевчанскиот карневал е финансиран со по 1 милион денари.

Настанот, кој традиционално се одржува од 12-14 јануари, овој пат ќе започне со преткарневалските случувања, па така на 10-ти јануари ќе се одржи театарската претстава „Ни ваму ни таму“. На 11-ти јануари КУД „Дримкол Вевчани“ од 18 до 20 часот ќе одржи свечен новогодишен концерт, а во сабота 12-ти јануари програмата започнува со презентацијата на интернационалниот проект „Карневалот крал на Европа“ во 19 часот. Програмата со поп-музика започнува во 20 часот со Скандал састаф, а ќе настапи и Стрингс-Пламенка Трајковска трио. Карневалот официјално ќе биде отворен на 13-ти јануари, во пресрет на првиот ден од Новата година според стариот календар, и тоа во 14 часот, а во 20 часот ќе стартува фолк делот од музичката програма. Карневалот продолжува и на 14 јануари со палење на маските.

„Сакаме да ги поканиме сите граѓани од државата и странските гости на Вевчанскиот карневал за да видат како се чува и негува традицијата и како се исмеваат некои настани, заради подобро утре и за да не грешиме во животот. Радува фактот што секоја година на карневалот учествуваат се повеќе млади луѓе, така што можат да се видат најразлични маски“ – истакна Перо Илиевски, градоначалник на Вевчани.

 

 



Врати се горе ↑