Македонија 11350557_10152776308777382_1318828695850055126_n

6 јуни, 2015

„Дивите цветови“ на Бојана го освоија првото место на „Макфест 2015“

Композицијата „Диви цветови“, чија музика и текст се дело на Горјан Стојановски, а аранжман и изведба на Бојана Атанасовска, триумфираше на синоќешното финале на 30. јубилејно издание на „Макфест“. Стручното жири оваа песна ја награди со 25, односно 6 поени, а публиката ѝ даде 440 гласа, односно 12 поени, што беше пресудно нејзините 18 поени да ѝ го донесат првото место и 10.000 евра во денарска противвредност.

18 поени освои и второпласираната „Којшто ме чуе да пеам“ од авторите Мирче Кикиритков (музика и текст) и Иле Спасев (аранжман), а во изведба на Панче Илиев и Илија Кикиритков, но 27, односно 8 поени доби од жирито, а 384 гласа, односно 10 поени доби од публиката. Панче и Илија дома си заминаа со награда од 7.500 евра.

5.000 евра и третото место отидоа во рацете на Евгенија Чанчалова и композицијата „Миг до вечност“, потпишана од Григор Копров (музика), Јелена Гулинац (текст) и Владимир Дојчиновски (аранжман). Темата освои 37, односно 10 поени од жирито и 208 гласа, односно 3 поени од публиката.

Покрај првите три места, доделени беа и награди за најдобар дебитант, најдобар сценски настап, најдобар аранжман „Драган Ѓаконовски – Шпато“ и најдобра интерпретација, секоја од нив во вредност од по 1.000 евра. Најдобриот дебитант годинава е Огнен Здравковски, кој се натпреваруваше со композицијата „Те молам врати се“ од авторите Даниел Лазаровски и Михаило Михајловски (музика и аранжман) и Олгица Здравковска (текст), наградата за сценски настап ја доби битолчанецот Виктор Апостоловски со темата „Ни јас ни ти“ од авторите Панче Илиев и Илија Ќосевски (музика и аранжман) и Огнен Неделковски (текст), најдобар аранжман има „Како небо и земја“ од Лазар Цветкоски, Гоце Симоноски (музика и аранжман) и Милан Миланов (текст), а во изведба на Дарко Илиевски и за најдобрата интерпретација беше награден Ѓоко Танески за песната „Ако љубов е“ од авторите Владимир Дојчиновски (музика и аранжман) и Ристо Самарџиев (текст).

Без никакво изненадување, за најслушана песна меѓу два фестивала беше прогласен минатогодишниот хит „Тажна љубов, среќна песна“ на Тамара Тодевска, која лани не доби ниту една награда на „Макфест“, но затоа беше прогласена за апсолутен радиски хит на „МАРС 2014.

Водители на манифестацијата беа Марјана Станојковска и Марко Новевски, а во ревијалниот дел настапија и Емил Нацев, Благица Поп Томова, Влатко Лозаноски и Биба Додева.

И.Ј. / Фотографии: Макфест.мк 



Врати се горе ↑