Настани 7ee97b16-3793-44a4-950c-619833f47643

1 август, 2014

Дисциплина Кичме, Елементал, Бед Копи и Прок&Фитч на Аква Парк Фест

Оваа година летото официјално го затвораме со второто издание на најголемиот „open-air“ фестивал кај нас, кој ќе се одржи во Пробиштип, на локацијата на Аква Парк Македонија. Подготвени со програма и активности кои ќе ве натераат да се ослободите од стегите на секојдневието и да ја поттикнете вашата позитивна енергија, Аква Парк Фестивал и илајдниците насмевнати луѓе од сите возрасти ве очекуваат повторно на 28 и 29 aвгуст 2014. Пред да го започнете работниот септември сите заедно повторно ќе се забавуваме со дводневната музичка програма на фестивалот исполнета со повеќе од 20 музички артисти, со водените атракции во Аква Паркот и деновите поминати во природа и фестивалскиот камп.

Првите изведувачи кои ви ги откриваме од од програмата за оваа година се моќните претставници на регионалната музичка сцена и тоа, „Дисциплин А Кичме“ (DISCIPLIN A KITSCHME) – бендот кој ги испиша најважните страници на историјата на југословенскиот рокенрол; еден од најуспешните концертни бендови во регионот, оригиналниот хрватскиот хип-хоп состав „ЕЛЕМЕНТАЛ“ како и конроверзното, немилосрдно, најпопуларно српско хип хоп трио, „Бед Копи“ (BAD COPY)! Вљубениците во електро звукот пак, ги предупредуваме: Подгответе се за британското хаус дуо „Прок & Фитч“ (PROK&FITCH) за кое критиката вели дека допрва ќе ги предводи денс сцените на светските фестивали.

Првиот фестивалски ден на Аква Парк Фестивал доаѓа „Дисциплина Кичме“ (Disciplin A Kitschme), еден од најпознатите и легендарни српски рок состави. Фронтмен на бендот уште од неговото основање во 1981 година е Душан Којиќ – „Која“, кој ја оформи „Дисциплна Кичме“ по распадот на неговиот претходен бенд, легендите на новиот бран „Шарло Акробата“. Нивната музика е мешавина на многу стилови, од фанк-рок, ноис-рок, џез фјужн, драм енд бејс и многу други. Повеќе децении овој бенд испорачува врвен ноис, а од неодамна во своите редови вклучи и нов инструмент – усна хармоника, која даде нова димензија на препознатливиот звук на групата. Во декември 2013 година, Дисциплина Кичме во состав: Која (бас, вокал), Буца (тапани, вокал), Мања (вокал), Игор Дјеке (усна хармоника) го објави хит синглот Само Дисциплина, кој ја затресе музичката јавност во регионот и го најави новиот пат на Дисциплина. Оваа година групата го објави и фанк хитот „Зависник од моќ“ (Ovisnik o moći) со премиера на видео спот на регионалниот „Ем-ти-ви“ канал.

 

Покрај нив, главната бина на Аква Парк Фестивал ќе го пречека и „Елементал“, бендот чија музичка основа е во рап музиката, но во нивниот звук можат да се најдат елементи од различни стилови што ги прави единствени и оригинални. Специфичноста на овој бенд извира и од нивните остри текстови и интересна инструментална подлога кои се вклопени во автентичниот звук на Елементал. Бендот датира од 1998 година, стартувајќи како трио и постепено прераснувајќи во септет, што е нетипичен состав за рап сцената. Елементал се веќе докажани како еден од поуспешните концертни бендови во регионот, со повеќе од 400 концерти одржани во последните неколку години, препознатливи по искрениот став, експлицитните и социјално освестени текстови и блискиот однос со публиката кој е приоритет на бендот. Својот деби албум „Мој његов и њен свијет“ групата го објавува во 2000 година, по што следат „Темпо Велеграда – Демиург“ (2002), „Мале Ствари“ (2004), еден од десетте најпродавани хрватски изданија таа година, „Под притиском“ (2008) кој ја освои нагрдата „Порин“ за најдобар албум на урбаната и клубска музика, додека „Вертиго“ (2010) пак беше изненадување за публиката и музичката критика со нетипичните музички експериментирања кои ги забележа составот. Три години по овој албум, бендот во 2013 година го претстави пред јавноста и шестиот албум „У реду је“ кој го означи новиот почеток на овој загребски бенд. „Елементал“ во досегашната кариера има освоено и повеќе награди и номинации на престижните хрватски признанија „Порин“, „Златна Коогла“, „Магдалена“, регионалниот „ЕмТиВи“ музички канал и низа одликувања од хрватските медиуми.

 

Првиот ден на Аква Парк Фест сигурно ќе го запаметите и по настапот на белградскиот хип хоп состав „Бед Копи“ и нивниот препознатлив сатиричен стил поради кој станаа и една од најпопуларните хип хоп групи во регионот. „Бед копи“  во 1996. година ја основаа Ајс Нигрутин и Мики Бој. Истата година го објавија првиот албум „Орбод мебеј“, кој беше сочинет од комични текстови рапувани врз инструментални песни на популарни американски рап артисти како „Метод Мен“ и „Ноти бај нејчр“. По трагичната смрт на Мики Бој во 1999. година, Ајс Нигрутин направи пауза и во 2000. година заедно со Тимбе и Скај Виклер, ја обновува групата во состав кој и денес заедно работи. Заедно го објавија албумот „Све сами хедови“ (2003) снимен во радиско студио, кој за кратко време стана хит, благодарение и на првиот сингл „Uno Due Tre“. Во 2006 година го објавија својот трет студиски албум „Најгори до сада“ по кој, во 2008. година групата се разединува. Во 2013 година „Бед копи“ сепак се вратија на сцена и тоа на голема врата со новиот албум насловен “Кригле” кој беше најавен со видео спот за синглот „Љубав или Пиво. Познати по своите хумористични текстови и жаргон, членовите на групата имаат објавено неколку албуми и како соло артисти и допринесоа за популаризацијата на хип хоп музиката во Србија и регионот на почетокот од новиот милениум. Во досегашната работа имаат забележано и повеќе соработки со артисти како Хорнсман Којоти („Ајсбрн“), Блајнд Бизнис, Кибу, Прти Бее Гее, Бвана, Ху Си?, Марчело, Београдски Синдикат, Едо Маајка, Баук Сквад, В.И.П. и други.

 

Аква Парк Фестивал и оваа година подготви исклучително квалитетна програма со избор на значајни имиња од електронската музичка сцена. Од претставниците на електро звукот пак, ви го најавуваме настапот на импресивното диџеј/продуцентско дуо „Прок&Фитч“ – момците кои заедно свират веќе 6 години, од англискиот Брајтон доаѓаат на Аква Парк Фестивал во Пробиштип  за да ве освојат со врелиот звук на хаус музиката. Означени од медиумите како дуото на кое треба да се внимава и како следните значајни артисти кои ги препорача „Битпорт“ во 2010 година, „Прок&Фитч“ и тоа како ги оправдаа предвидувањата на мусичките критичари. Најврелото диџеј/продуцентско дуо во хаус музиката се издигна до импресивни остварувања низ 6 години заедничка работа, со годишни светски турнеи од Бразил до Австралија. Бен Прок и Џејмс Фитч своите оригинални продукции ги потпишаа со некои од најголемите имиња во хаус музичката индустрија, како Екстон, Грејт Стаф, Тулрум Рекордс и многу други. Со огромна поддршка и од ѕвездите, од Карл Кокс па сè до „Свидиш Хаус Мафиа“ (Swedish House Mafia), од Пит Тонг (Pete Tong) до Тиесто (Tiesto), останаа само уште мал број клубови ширум светот кои не го посведочија врелиот хаус звук на „Прок&Фитч“. Момците исто така изработија ремикси за славни имиња вклучувајќи ги Леидбек Лук (Laidback Luke), Моби (Moby) и Стрикли Ритам (Strictly Rhythm), потпишаа и големи проекти со нивната сопствена кќа Флорплеј Мјузик (Floorplay Music), со што го отфрлија секој сомнеж дека прераснуваат во синоним за супериорни вештини во продуцирањето на квалитетна хаус музика.

 

АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ, големиот музички настан кој своето премиерно и исклучително успешно издание го имаше минатата година во Пробиштип, оваа година, на наше особено задоволство и на радост на сите оние кои го запаметија како едно од најпозитивните музички доживувања кај нас, го подготвува своето второ издание. Спектакуларното дводневно доживување оваа година ќе се одржи на 28 и 29 август, на истата локација Аква Паркот во Пробиштип и тоа со уште попозитивно и повесело издание на АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ 2014.

АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ наскоро ги објавува и останатите артисти од богатата програма за оваа година исполнета со повеќе од 20 изведувачи!

КОНКУРС ЗА ДЕМО БЕНДОВИ НА АКВА ПАРК ФЕСТ

Аква Парк Фест и оваа година одвојува посебен простор на фестивалската бина за поддршка на младите бендови во Македонија и како и минатата година го објавува конкурс со кој им нуди шанса на демо бендовите да се претстават пред фестивалската публика, медимите и гостите на фестивалот.

Во рамиките на своите фестивалски акции и иницијативата за поттик на развојот на свежата домашна сцена која ја чувствуваме како своевиден загрозен музички вид, одлучивме да ја активираме и афирмираме младата македонска музичка сцена, организирајќи конкурс токму за „гаражните“ бендови кои ќе настапат на фестивалот.

По тој повод, ги покануваме сите неафирмирани македонски бендови кои свират авторска музика и кои немаат официјално издание за некоја продуцентска куќа да се пријават на овој конкурс и да ја искористат можноста да ја почувствуваат фестивалскат атмосфера и настапот пред бројна публика.

За учество на овој конкурс, сите бендови кои се пријавуваат, потребно е да испратат две авторски песни (во било кој аудио формат), кратка биографија на бендот и фотографија од бендот .

На бендовите кои ќе бидат селектирани на овој конкурс, Аква Парк Фест им овозможува:
– Настап на една од фестивалските бини,
– Покриени патни трошоци,
– Дополнителни гратис влезници за секој од членовите во селектираните бендови,
– Бесплатно камп место на фестивалот.

Конкурсот е отворен до 10ти август. Сите заинтересирани бендови можат да се пријават на конкурсот за настап на Аква Парк Фестивал на следнава и-мејл адреса: info@password.mk .

ВЛЕЗНИЦИТЕ ЗА АКВА ПАРК ФЕСТИВАЛ СЕ ПУШТЕНИ ВО ПРОДАЖБА

Влезниците за Аква Парк Фест се веќе достапни во продажба по промотивна цена од 400 денари за еднодневна влезница и 700 денари за фестивалска влезница во која е вклучен бесплатен камп простор на фестивалот, бесплатна влезница на Аква Паркот и користење на сите водени атракции кои тој ги нуди. Промотивните билети ќе се продаваат во ограничен број.

Картите за фестивалот ќе можат да се купат во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат), продажните салони на One низ Македонија и продажната мрежа на МКтикетс.



Врати се горе ↑