Концерт plakat 2

3 декември, 2012

Дипломатскиот кор на концерт на Симфонискиот оркестар на ФМУ

Ректорот на УКИМ, високи претставници од културниот и политичкиот живот во земјава, амбасадори и високи претставници на амбасадите и странските културни институти во земјава го најавија своето присуство на вечерашниот концерт на Симфонискиот оркестар на ФМУ по повод 46 годишнината од основањето на факултетот. Дипломатите ќе уживаат во програмата на концертот на кој како солисти ќе настапат реномираните Ана и Игор Дурловски под диригентската палка на Саша Николовски- Ѓумар.

„Прославувањето на 46 годишното постоење на Факултетот за музичка уметност ќе започне денеска попладне кога на факултетот ќе бидат доделени дипломите на дипломците и постдипломците на нашата установа. Потоа, пред самиот почеток на концертот во 20 часот во домот на АРМ свечено ќе биде доделена наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ за најдобар студент на одделите по композиција, музикологија, диригирање и музичка теорија и педагогија на ФМУ во учебната 2011/2012 година, која ќе ја добие Ирена Јовановска, дипломец на одделот за музичка теорија и педагогија“ – изјавува Деканот на ФМУ Горгана Јосифова Неделковска.

Во првиот дел од програмата афирмираните Ана и Игор Дурловски ќе ја изведат кантатата „Стабат матер“ од италијанскиот композитор Џовани Батиста Перголези, а во вториот дел публиката ќе има можност да го проследи оркестарското дело „Слики“ од Клод Дебиси, кое за прв пат интегрално ќе се изведе во Македонија, а со него ќе се одбележат 150 години од раѓањето на овој француски композитор.

Симфонискиот оркестар  на ФМУ  е сочинет од студенти на додипломски и постдипломски студии со солисти – студенти од вокално инструменталните класи. Во низата проекти на ансамблот се премиерите на капиталните дела од светскиот симфониски репертоар, но и од современата македонска музика. Четириесетгодишниот јубилеј на ФМУ во 2006-та го одбележа извонредниот настап на оркестарот и маестро Симон Трпчески под диригенство на Саша Николовски Ѓумар, а минатата година, четириесетипеттиот јубилеј со концерт на Симфонискиот оркестар со изведбата на увертирата „Ромео и Јулија“ од Чајковски и Суитата од балетот „Спартак“ од Хачатурјан.

 



Врати се горе ↑