20 јуни, 2015

Димитар Андоновски сними видео запис за макфестовската „Жал ми е“

Иако не успеа да се пласира во финалето на годинешниот „Макфест“, не значи дека „Жал ми е“ на Димитар Андоновски нема да биде, односно не е веќе хит. И за оваа песна битолчанецот соработуваше со проверениот тандем Лазар и Магдалена Цветкоски, кои се потпишуваат како автори на музиката, аранжманот и текстот, а мастерингот го направи Раде Врчаковски – Врчак. Лазар ги отсвири и гитарата и басот, Магдалена заедно со Димитар ги отпеа и придружните вокали, а мелодијата е збогатена и со звуците од хармониката на Јован Василевски.

„Препознав љубов која ретко може да се види и затоа оваа искреност ја искористив во мојот спот. Не постои глумец кој може да одглуми безрезервна и безусловна љубов која ја препознав помеѓу овој брачен пар кој ги разнежнува сите срца и никого не остава рамнодушен. Главните ликови во видеото се Ненси и Дарко, брачни партнери кои живеат во Копенхаген”, изјави Димитар Андоновски.

„Жал ми е” доби мошне интересен видео запис, кој се снимаше на неколку локации во Копенхаген, Данска и кој плени со љубовта и приказната која се раскажува, а го работеше продукцијата „Веста“ од Битола.

Според ритамот и звукот, оваа песна е дефинитивно новиот летен хит, со љубовна приказна. Видео записот раскажува и ја пренесува љубовта на еден поинаков начин. Овој спот е доказ дека љубовта е возможна секогаш и секаде со вистинската личност. Видеото кое мора да се погледне за да се разбере поентата и идејата на целосниот производ, летниот хит на Димитар, „Жал ми е“!

 



Врати се горе ↑