29 април, 2013

Димитар Андоновски се враќа на својата музика со видео запис

По одличниот настап и многуте пофалби за хуманитарниот концерт „Страдања Господови“, исполнет со византиска и духовна музика, нашиот пејач Димитар Андоновски повторно се враќа на својата музика. Овој пат, енергичната рок песна „Свој на своето“ сега добива освежување во акустична верзија, богата со многу инструменти.

Песната со текст на Марко Маринковиќ Слаткар, е дело на Лазар Цветкоcки, во чие студио и се снимаше новата и летна варијанта. „Свој на своето“ доби и специјален видео запис за новата unplugged верзија. Спотот е уште еден производ на мајсторијата на режисерот Владимир Дади Ивановски, а се снимаше во студиото „Мечкаров“.

Ова е втора преработка на ексклузивецот на Горила. Димитар веќе направи нова верзија на неговата позната песна „Ова небо знае сè“, чија преработка стана исто толку слушана како и оригиналот. Со песната „Свој на своето“ и видео спотот за неа, Димитар го најавува своето поактивно присуство на сцената и подготовките за бурно и активно музичко лето.



Врати се горе ↑