Македонија dime

14 јуни, 2014

Димитар Андоновски се подготвува за „Славјански базар“ во Белорусија

2014 е можеби најплодната година за битолчанецот Димитар Андоновски, кој годинава за прв пат беше дел од македонската евровизиска делегација настапувајќи на сцената во Копенхаген, Данска, како придружен вокал на Тијана Дапчевиќ. По враќањето во Македонија, Димитар започна со подготовки за два фестивали – познатиот „Славјански базар“ во Белорусија и „Сунчане скале“ во Херцег Нови, Црна Гора.

На претстојното јубилејно 20-то издание на црногорскиот фестивал „Сунчане скале“, кое ќе се одржи на 2 и 3 јули, Андоновски ќе се претстави со третопласираната балада од минатогодишниот Скопски фестивал, темата  „Ако ме боли“, чии автори се Лазар Цветкоски (музика и аранжман) и Милан Миланов (текст). Веднаш потоа, Диме ќе настапи на познатиот „Славјански базар“, кој ќе се одржи од 10-14 јули во Витебск, Белорусија, а учеството го обезбеди освојувајќи ја Гран При наградата на минатогодишниот фестивал „Езерски бисери“ во Струга.

„Напорно се подготвувам и нема да бидам скромен ако кажам дека одам да се борам за Гран при наградата“, изјави тој неодамна, а ние се надеваме дека ќе успее да го повтори успехот на Тоше Проески и Боби Мојсоски, кои во 2001 и 2012 година ја освоија наградата Гран При.

Уште една вест поврзана со ексклузивецот на „Горила продукција“ е и неговиот долгоочекуван и долгонајавуван прв студиски албум кој би требало да го промовира наскоро. Првенчето ќе го носи насловот на една од неговите најпознати балади „Ова небо знае сè“.

И.Ј.



Врати се горе ↑