Македонија 303799_4537720526579_940529074_n

22 ноември, 2014

Димитар Андоновски: „Никогаш не сум учествувал, ниту сум бил во некакви комбинации“

Иако истрагата сè уште е во тек, според неофицијални извори откриено било дека од сите 2500 СИМ картички се гласало за двајца пејачи, и тоа еден машки и еден женски изведувач, кои настапија при крајот на фестивалот, а голем дел од медиумите пренесоа дека станувало збор за Викторија Лоба, која настапи под реден број 17 и Димитар Андоновски, кој настапи под реден број 20.

„Цел ден добивам повици, читам статии каде што се споменува и валка моето име… Ниту имам некаква информација во врска со какво било гласање (бидејќи никој не ми јавил), ни знам дека воопшто се гласало за мене откако сабајлево ме разбуди оваа вест. Па со 640 гласови и 5-то место од телефонското гласање, после толку време пеење бев разочаран а не да помислам дека некој гласал за мене. Каква чест! Не сум ексклузивец на ниедна продукција, ниту имам некаков договор со кој било. 10 години ја градам мојата кариера со чесна работа, многу труд и посветеност и хитови кои се ределе со годиниве и никогаш не сум учествувал, ниту сум бил во некакви можни комбинации. Јас ќе стојам со исправена глава на сцена бидејќи мојата совест е чиста и затоа ќе ги замолам новинарите да не споменуваат имиња на кого било сè додека не се изјаснат тие што се надлежни. Се исплука цел фестивал, прво по првата тројка, па сега и по мене, а не ме чуди да има следен. Дополнителен став и јавно излагање ќе имам кога ќе дознаам што се случува и кога ќе ги дознаам останатите информации од надлежните. Сè до тој момент, ќе Ве замолам да не се валка повеќе моето име“, напиша Андоновски на својот профил на Фејсбук.

Пејачот, кој до пред два месеца беше ексклузивец на „Горила продукција“, за „Телеграф“ изјави дека бил во преговори за соработка со „План Б продукција“, но сето тоа остана само на преговори: „Разговаравме за соработка, но остана на можно разгледување и размислување. Зошто се гласало и која е причината, навистина не знам“, изјави Андоновски.

Истрагата на МВР сè уште е во тек, а официјалните резултати се очекуваат наскоро.



Врати се горе ↑