4 април, 2017

Диме и „Тајфата“ го снимија првиот видео запис

Откако Димитар Андоновски стана најновиот член на „Тајфата“, момците веднаш започнаа со работа на нов материјал, па кон крајот на годината ја снимија темата „Седум дена, седум ноќи“. Оваа прва заедничка песна на музичкиот состав наскоро ќе добие и своја екранизација, на која деновиве работеше битолската „Веста продукција“.

„Етно-поп проектот ’Тајфата и Димитар’ од денес официјално започна со реализирање на првиот заеднички материјал. Наскоро промоција“, напиша Андоновски, споделувајќи неколку фотографии и видеа од снимањето на песната, чии автори се Лазар и Магдалена Цветкоски.

1

Како што откриваат за „Вечер, со оваа песна момците сакаат да го најават новиот музички правец во Македонија. „Ќе имате можност да слушнете етно-поп тема за која сме сигурни дека ќе допре до публиката“, велат од групата, додавајќи дека веќе се подготуваат за снимање на заедничкиот албум.

Популарниот битолчанец, кој неодамна ја објави и својата соло песна „Само ти“, има доста набиена агенда. Имено, покрај самостојниот и заедничкиот материјал со „Тајфата“, Диме продолжува со работа и на музиката за театар, потпишувајќи ја истата за Шекспировата „Сон на летната ноќ“ во театарот „Комедија“.



Врати се горе ↑