Артисти tanja 1

7 јуни, 2013

Диџеј Тања: Живеам со музиката 24/7

Татјана Невеновска, позната како диџеј Тања веќе подолго време е виновна за одличните хип-хоп забави низ бројни кафулиња и ноќни клубови низ Македонија, а секојдневни ангажмани има и во родната Битола. Тања застана на диџејскиот пулт уште како средношколка заедно со добро познатата македонска пејачка и диџеј Фани Христова. Но, покрај настапите низ државата, Тања често гостува и во Косово, а во текот на зимата беше задолжена за атмосферата во кафе ресторанот „Posthaus“ во еден од најлуксузните монденски ски центри – Сент Мориц во Швајцарија, каде што со своите миксови ги забавуваше ВИП гостите.

Љубителите на Р&Б, рап и хип-хоп музиката во Битола, Прилеп, Ресен, Охрид, Струга, Тетово, Гостивар, Гевгелија, Кавадарци, Струмица, Радовиш, Неготино, Велес, Куманово, Валандово, Богданци… веќе добро знаат каква забава ги очекува со диџеј Тања, а забавите особено ќе зачестат во текот на претстојното лето.

На репертоарот секогаш се наоѓаат најдобите музички дела и битови на добро познатите Џеј Зи, Бијонсе, Канје Вест, Џенифер Лопез и уште многу други светски музички ѕвезди, како и човекот кој со својата музика имаше најголемо влијание врз нејзината одлука да се занимава со оваа професија – Пи Диди, а меѓу омилените музичари секако се најде и кралот на поп музиката Мајкл Џексон, потоа Ашер, Сиера, Ти Ај, Ријана, Ашанти, Фифти Сент, Алија, Алиша Киз, Крис Браун, Еминем, Фет Џо, Нели

Тања, музиката е секојдневен дел од твојот живот и твоја голема љубов. Што те инспирираше најмногу да започнеш со оваа работа?

Јас живеам со музика 24/7 – ја слушам дури и кога спијам. Музиката ми е опсесија уште од мала возраст. Фани, која ми е братучеда, уште кога бев средношколка, често ме носеше на нејзините настапи во клубови и кафулиња, а јас бев воодушевена од начинот на кој реагираше публиката и тоа ме правеше среќна. Тогаш знаев дека дефинитивно ќе се занимавам во тоа во иднина.

Веќе неколку години активно настапуваш низ државата, а во последно време и надвор од неа. Покрај редовните ангажмани во Косово, стигнуваат ли покани од други места во регионот, па и пошироко?

Да, веќе 3 години редовно пуштам музика во Косово, каде што сум воодушевена од тамошната публика и морам да ги пофалам! Луѓето во Косово многу ја ценат хип-хоп и Р&Б сцената, па секогаш уживаат во моите битови. Штотуку добив понуда за настап во Минхен, Германија, па веројатно тоа ќе се случи во текот на летото.

Ја забавуваше публиката во еден од најлуксузните монденски ски центри во светот. Какво беше твоето искуство во Сент Мориц?

За прв пат во животот бев третирана како вистинска ѕвезда во секој поглед…. Не ми е целта да се фалам, но ретко кој има можност да ги забавува ВИП гостите од целиот свет. Швајцарија е прекрасна земја, а како што е познато, Сент Мориц е „кремот“ на светот. Не може да се опише со зборови, само со присуство може да се почувствува убавината на тоа прекрасно место.

Најголемиот дел од диџеите се момчиња, затоа девојките диџеи често привлекуваат поголемо внимание. Според твоето искуство, дали и колку влијае фактот што си девојка?

Па, да бидеме реални, на секој би му било помило да гледаат згодна девојка отколку згоден дечко. Хахаха (се смее) Секако дека имам предност поради тоа што сум девојка, но сепак напорната работа и долгогодишното искуство се пресудни за каков било ангажман.

Со текот на времето почна да правиш и свои миксови. Дали имаш желба или план во иднина подлабоко да навлезеш во музичките води, можеби да продуцираш своја авторска музика?

Да, правам миксови од добро познати странски песни, најчесто актуелни хитови и тоа ми се најдобро поминати неколку часа пред компјутер. Секако дека ми е желба еден ден да започнам да продуцирам и сопствена музика, се надевам дека тоа ќе биде наскоро, но сè во свое време.

Би соработувала ли со некој од домашната или светската музичка сцена и со кој имаш желба да соработуваш?

Тоа е доста тешко прашање… Во нашата земја имаме доста квалитетни диџеи, имам голем респект кон Чваре, со кој лично се познавам и доколку некогаш имам можност да соработувам со некого, тој би бил мојот избор. Исто така и Гоце Саф, а од странската сцена би сакала да соработувам со диџеј Ву Кид (DJ Woo Kid), кој е официјален диџеј на Фифти Сент. Многу ги сакам неговите сетови и одличните забави кои ги приредува.

Каде сè ќе настапуваш во текот на летото, имаш ли веќе закажани настапи во следниот период?

Летото како и секоја година е најдобриот и најплоден период од цела година. Ангажирана сум скоро секој ден од викендите, ќе настапувам низ цела Македонија, а како што веќе спомнавме, и надвор од неа. Веќе редовни настапи имам во кафе Piazza во Гевгелија, а сега започна и сезоната во кафе Албум во Струга. И секако во родниот град Битола ангажирана сум скоро секој ден во сите локални кафулиња.

Тања, ти благодариме за времето што го одвои за нас, ти посакуваме многу успех понатаму и ги очекуваме твоите следни миксови, па наскоро да слушнеме и некое авторско дело. 

Ви благодарам и Вам на поддршката и ја користам можноста да ги поканам сите љубители на рап, хип-хоп и Р&Б музиката да дојдат на моите настапи и заедно да се забавуваме со одлична музика! Во продолжение уживајте со најновиот микс за јуни 2013!

Подготви: Ивона Јанкова



Врати се горе ↑