Интервју 10723608_918190744876200_793643326_n

15 октомври, 2014

Диџеј Тања: „Во Швајцарија ме третираат како ѕвезда“

Една од најпознатите битолски диџеи, диџеј Тања неодамна гостуваше во лаунџ барот „Богартс“ во Шан, Швајцарија, а во рамките на викенд програмата под мотото „Bad Girls Meets Bad Boys“, чиј домаќин беше Греми номинираниот хип хоп артист и официјален член на легендарните „Фјуриос 5“, Џеси Ал-Малик, настапија и познати диџеи како што се диџеј Кју-ти (QT) од Холандија, Ред Панда, Рок Уан и Хроник од Швајцарија, Ен-Ди (ND) од Белгија и диџеј Бизар од Словачка. Исто така, од неодамна Тања е дел од интернационалната агенција „Крем де ла крем (Сreme de la Cremе), која организира настапи на диџеи ширум цела Европа.

„Настапив во ’Богартс’ на покана од главниот човек на ’Крем де ла крем’, Адвил Мерџани, кој секогаш успева на едно место да ги собере најдобрите диџеи од целиот свет и да ги организира најдобрите хип-хоп забави. Иако и претходно сум имала гостувања во Швајцарија, овој пат имав чест сетот да го делам со колешки како што се популарната Кју-ти од Холандија и Ред Панда од Швајцарија, а меѓу гостите беше и најпознатиот рапер од Словачка, Ди-ен-еј (DNA) “, вели Тања, додавајќи дека е мошне задоволна од професионалноста и прифатеноста од публиката.

„Навистина сум многу задоволна од целиот претстој таму, пред сè од самата организација на настанот и фактот што, иако сите диџеи пуштавме хип-хоп и Р’н’Б музика, секој од нас имаше свој посебен стил и ништо не се повторуваше. Исто морам да ги пофалам и за третманот кој го добивме, направија да се чувствуваме како вистински ѕвезди“, додава Тања, која во моментов е во преговори и за настапи во други земји.

Каква беше атмосферата? Колку знаат да се забавуваат во Швајцарија?

„Мислам дека буквално сите беа на нозе! Немаше човек кој не стана да танцува на секој од сетовите. На почетокот имав навистина многу трема, со оглед на тоа што бев најмлада од сите диџеи, кои беа поискусни од мене. Но, веднаш се опуштив бидејќи сите ме третираа како рамноправна.“

Дали и колку овие гостувања ти ги отвораат вратите за понатамошни агнажмани во тој дел од Европа?

„Секако дека овие гостувања ги користам и за нови познанства, редовно контактирам со сите колеги, па во преговори сме и за настап во Германија, но сè уште е рано да се зборува за тоа. Покрај ’Крем де ла крем’, за интернационалните настапи е задолжена и мојата менаџерка Ангела Изабела Тодоровска. Следниот веќе закажан настап во тој дел од Европа ме очекува на 3 април следната година во Корнвол, Велика Британија.“

Летото е навистина активен период за сите кои се занимаваат со музика. Колку беше исполнето летото за тебе?

„Можам да кажам дека во текот на летото се случуваше да имам слободни само по еден или два дена неделно. Покрај редовните гостувања ширум Македонија, во текот на јуни бев резидент диџеј во клубот ’Coo’ на грчкиот остров Иос, каде што настапував околу три недели.“

Често си задолжена за забавите во родната Битола, но и пошироко. Кадe би можеле да те видат и слушнат љубителите на добрата забава и хип-хоп звуците?

„Значи, секој втор петок сум во кафулето ’Албум’ во Струга, често ме канат во клубот ’Ал Пачино’ во Кавадарци, кафулето ’Пјаца’ во Гевгелија, ’Тантра’ во Тетово, ’Пјур’ во Велес, ’Платинум’ во Струмица, ’Синема’ во Крива Паланка и секако скоро сите локали низ Битола.

За крај, уживајте со најновиот микс со најголемите хитови од 2014 година!

Подготви: Ивона Јанкова

 



Врати се горе ↑