Интервју 12167290_1142954902399782_592543071_n

26 октомври, 2015

Диџеј Тања не запира додека не го освои светот!

Битолчанката која живее со музиката 24/7, покрај Македонија и Балканот, често е поканета до гостува и во други европски земји, како што е Швајцарија, каде што вели дека „ја третираат како ѕвезда“. Токму затоа диџеј Тања успешно ја продолжува соработката со тамошните менаџери и сопственици на популарни клубови, па после монденскиот Сент Мориц, на ред дојде Цирих.

 „Имав навистина одлично искуство во Швајцарија, организаторите покажуваат висок степен на професионалнот, така што нормално беше да ја продолжиме соработката, па на почетокот на месецов имав чест повторно да настапам во еден од најдобрите клубови во Цирих – „Escherwyss“, каде што гостував заедно со Греми номинираниот хип-хоп артист и официјален член на легендарните ’Фјуриос 5’ – Џеси Ал-Малик, како и швајцарскиот диџеј Хроник“, вели Тања, додавајќи дека публиката таму навистина знае да се забавува.


„За разлика од кај нас, забележав дека таму младите излегуваат со единствена цел да се забавуваат. Не дека Македонците не знаат да се забавуваат, туку самото темпо на живот им е малку поинакво – кај нас често се излегува и во текот на неделата и е малку поопуштено, додека таму цела недела се работи, па викендите им се за максимална забава и танцување. Токму затоа и стилот на облекување е поопуштен, речиси и нема девојка со високи потпетици, односно сите се удобно облечени, нормално, за да можат да се изнаиграат.“

Слична атмосфера ја очекуваше и на наредната станица, клубот „Exklusiv 21“ во Штудгарт, во Германија.

„Тоа ми беше прво гостување во Германија, а се надевам не и последно. ’Exklusiv 21’ е нов клуб, а ми претставуваше огромно задоволство што токму јас бев задолжена за забавата на самото отворање. И таму луѓето знаат одлично да се забавуваат, така што сум мошне задоволна како од реакцијата на посетителите, така и од целата организација“, додава битолчанката, која во декември ќе гостува на уште една интересна и егзотична дестинација.

„По Швајцарија и Германија, продолжувам со редовните гостувања ширум цела Македонија, а некаде пред Нова Година за првпат ќе настапам и во еден клуб на карипскиот остров Антигва. Ова воедно ќе ми биде и прво гостување надвор од Европа, така што се надевам на уште едно одлично искуство“, заклучи Тања, за чии гостувања надвор од Македонија се грижи интернационалната агенција „Крем де ла крем (Сreme de la Cremе).

Покрај миксовите на најголемите хип-хоп и ар-ен-би хитови, Тања редовно прави и интересни фотосесии, а за последната од нив беше задолжен битолскиот фотограф Александар Буневски. Локацијата овој пат беше руинираниот хотел „Европа“ во Отешево, а резултатот од сето тоа Ве очекува во продолжение.

Голем дел од вас сигурно сте присуствувале на барем една од нејзините забави, а ако не сте имале таква можност, за сите нејзини настапи можете да се информирате преку нејзината фан страница на Фејсбук, а со нејзиниот најнов микс можете да уживате на овој линк.

Подготви: Ивона Јанкова

Насловна фотографија: Александар Буневски



Врати се горе ↑