Концерт b0fff069-dc04-48f2-a434-f179ed1ee42f

8 ноември, 2017

Despacito! Луис Фонси на 24 ноември во Белград!

Најголемата музичка атракција оваа година, порториканската ѕвезда Луис Фонси и најголемиот хит „Despacito“ на 24 ноември гостуваат во белградската арена „Штарк“ (поранешна „Комбанк арена“), како дел од актуелната турнеја насловена „Love+Dance“, која ги полни сите концертни сали ширум светот.

Мегахитот „Despacito“ со раперот Деди Јенки е објавен во јануари годинава и на Јутјуб досега е прегледан повеќе од 4 милијарди пати! Песната се искачи на првото место во речиси сите земји ширум светот и набрзо го одбележа летото, но и целата 2017 година. За уште поголема популарност придонесе и ремиксот со Џастин Бибер, благодарение на кој Фонси успеа да го освои врвот и на Билбордовата листа на 100-те најдобри синглови во САД.

 

Порториканскиот пејач, текстописец и музички продуцент веќе со години владее на топ-листите, вклучувајќи ги Билбордовите „Топ латино“, „Латино поп“ и други листи. Зад него се бројни Греми и други признанија, но и соработки со ѕвезди како што се Кристина Агилера, со која сними дует, и Бритни Спирс, со која ја делеше сцената на нејзината американска и мексиканска турнеја.

Покрај огромниот успех на регетон хитот „Despacito“, Луис Фонси продолжува со потрагата по иновативен звук, доследен на романтиката и поп звуците, што радува огромен број обожаватели од целата планета.

ko8l_960_360

Како предгрупа на Фонси ќе настапи уште еден бенд кој асоцира на лето и море – претставниците на мејнстрим хип-хопот во регионот, групата „Ху си“ (Who See). Песните без кои ниту едно летување нема да биде исто, како што е „Џе се купаш, постигнуваат повеќемилионски прегледи на нивниот официјален канал на Јутјуб.

Влезниците се во продажба на сите продажни места на „Евентим“, во билетарницата на арената „Штарк“, како и онлајн на www.kombankarena.com.



Врати се горе ↑