Настани Oficijalen poster_2015_Denovi na korejska kultura vo Skopje (1)

16 октомври, 2015

„Денови на корејската култура во Скопје“, за првпат пред македонската јавност

За првпат, Македонците ќе можат да уживаат во корејската музика, кинематографија и фотографија за време на „Деновите на корејската култура во Скопје“, манифестација која ќе трае од 29 до 31 октомври, организирана од страна на Амбасадата на Република Кореја во Бугарија.

На 29 октомври во Македонскиот Народен Театар ќе се оддржи музички концерт, „Музика и ритми од Кореја“. Скопје ќе има уникатна можност да слушне традиционална корејска музика изведена од светски познатиот ансамбл „Бул-се-чул“ (Bul-se-chul) и мега популарните „Нанта“ (Nanta) – несекојдневно шоу.

„Бул-се-чул“ е ансамбл кој е составен од осум музичари, од кои седум свират на традиционални корејски музички инструменти (kayageum, geomungo, tegeum, piri, hegeum, adzheng, janggu) и едниот свири на гитара. Музиката која ја создаваат доаѓа од најантичката религија на полуостровот – шаманизмот, како и корејската народна музика.

Низ неодоливата импровизација на традиционалните ритмички мелодии, „Бул-се-чул“ успешно го развива својот музички стил, надграден на уникатен начин, давајќи им нов и модерен звук. Во нивната креативна работа, елементите на традицијата и современоста се совршено балансирани и интегрирани во друг вид на убавина и доведуваат до ново естетско искуство. Покрај музиката, во настапот ќе бидат вклучени и традиционални танци, меѓу кои и танц кој е прогласен за културно наследство и корејски танц на маски.

 

 

Вториот дел од концертот е комичниот музички невербален настап „Нанта“, кој доаѓа од традиционалниот корејски инструментален перформанс „Samulnory“. Кујната е нивната позадина, со готвачи како главни ликови. Ножевите и другиот кујнски прибор стануваат музички инструменти во рацете на изведувачите.

Тие ја воодушевуваат публиката со своето акробатско кујнско шоу, изненадна свадбена церемонија, и возбудувачки предизвик со корејски специјалитети. „Нанта“ е едно од најпознатите шоуа во Кореја, уште од својата премиерна изведба во октомври 1997, кога на едно место го има собрано најголемиот број на гледачи во историјата на корејскиот театар.

„Нанта“ е првото азиско шоу кое се појавило на Бродвеј. Нивниот театар е отворен 365 дена во годината, а го имаат посетено над 1 милион странски посетители, а за време на светската турнеја, „Нанта“ до сега настапиле во 51 земја, 289 градови, привлекувајќи странска публика над 2 милиони.

На 30 и 31 октомври во Кинотеката на Македонија, ќе се одржи „Корејска филмска Одисеја“. За време на овие два дена, македонската јавност ќе има можност да погледне некои од најпопуларните корејски филмови: „Ода за татко ми“ (Ode To My Father), „Маскембал“ (The Masquerade), „Монструмот“ (The Host), „Тајно, величествено“ (Secretly, Greatly), „Кралскиот кројач“ (The Royal Tailor). Освен „Корејската филмска Одисеја“, на 30 и 31 октомври во Кинотеката на Македонија, сите македонски граѓани ќе имаат можност да ја погледнат изложбата слики на платно со мотиви од Сеул на уметникот Симон Калајџиев и изложбата на фотографии „Впечатоци од Кореја“. Оваа изложба ќе ни ја долови  убавината на корејската традиција, истражувајќи ги модерните пејсажи, вкусовите на корејската кујна и скиците на еден патник.

Влезот за сите настани е бесплатен.

Повеќе за настанот можете да дознаете на официјалната страница на Фејсбук на Амбасадата на Република Кореја во Бугарија , како и на официјалниот настан на Фејсбук.



Врати се горе ↑