Концерт W

19 ноември, 2015

Дејвид Кавердејл одбира да рециклира, а бендот да ги следи сите спортски случувања‏

Старо правило е дека колку ѕвездата е поголема, толку е поскромна личност без претерани барања. Иако е еден од најдобрите пејачи на светот и рокенрол икона, Дејвид Кавердејл е многу скромен во своите барања за скопскиот концерт на „Вајтснејк“, кој ќе се одржи идната среда во арената „Борис Трајковски“, во организација на „Авалон продукција“.

Неговата рајдер листа е повеќе од стандардна – единствено издвоено барање во списокот е тегла со домашен органски мед. Што се однесува до пијалоците, господинот Кавердејл предност им дава на безалкохолното пиво, сок од алое и вода која мора да биде на собна температура.

Дејвид Ковердејл инсистира да не се пушат цигари во негова близина. Исто така, сите простории во кои ќе престојува, треба да имаат посебни корпи за рециклирање на хартија, пластика и стакло.

Останатите членови на „Вајтснејк“, пак, имаат малку поголеми побарувања. Во гардеробата мора да има телевизор со сателитски канали за да можат да ги следат сите спортски случувања и натпревари. Исто така очекуваат да имаат и американски весници, како „Њујорк тајмс“ и „Ју-ес-еј тудеј“.

За разлика од Кавердејл, нивната листа на пијалоци е богата и разновидна- од Кока Кола и свежо цедени сокови, вода на собна температура, до Апсолут вотка и Џек Даниелс. Бараат овошје и зеленчук исклучиво од органско потекло, а грицки, чоколада и овесни снегулки се подразбираат.



Врати се горе ↑