Свет 720x405-db

18 јануари, 2016

Дејвид Боуви почестен со соѕвездие

Дејвид Боуви беше вистинска легенда, токму затоа заслужи и легендарен „последен поздрав“. Имено, благодарение на белгиски астрономи, музичарот сега има и свое созвездие на небото, кое е составено од седум ѕвезди во форма на молња, што потсетува на препознатливата насловна фотографија од албумот „Aladdin Sane“ од 1973 година.

Соѕвездието го организираа белгиската радио станица „Студио Брисел“ и Јавната опсерваторија „МИРА“. Филип Моле од опсерваторијата го објасна овој извонреден подарок: „Не беше лесно да се одредат соодветните ѕвезди. Студио Брисел нè замоли на Боуви да му дадеме уникатно место во галаксијата. Осврнувајќи се на повеќе негови албуми, одбравме седум ѕвезди – Сигма Либрае, Спика, Зета Кентаури, Делта Октантис, САО 204 132, САО 241 641 и Бета триангулум аутрини, сите во близина на Марс. Соѕвездието е копија на иконичната молња на Боуви и беше зачувано во базата на податоци во времето на неговата смрт“.

Како дополнување на вселенскиот подарок, отворена е и интерактивна веб страна „Ѕвездена прашина за Боуви“ (Stardust for Bowie), каде што фановите можат да ги споделат своите омилени песни од музичарот, како и одблизу да го погледнат соѕвездието преку апликацијата на Гугл.

Боуви почина во неделата, на 10 јануари, само два дена по неговиот 69. роденден. Според некои странски медиуми, пејачот бил приватно кремиран во Њујорк. Неговиот последен албум „Black Star“, објавен на 8 јануари годинава, бележи рекордна продажба на топ листите, искачувајќи се на првото место во речиси сите земји во светот.

 

 



Врати се горе ↑