9 декември, 2013

Дејвид Боуви објави видео запис со антивоена тематика

Легендарниот британски музичар Дејвид Боуви, кој годинава се врати на музичката сцена по пауза од 10 години, деновиве го претстави својот нов видео запис за една од песните кои се најдоа на луксузното издание од актуелниот, 24-ти по ред студиски албум „The Next Day“. Станува збор за темата насловена „I’d Rather Be High (Venetian Mix[Wasted Edit])“, чија екранизација ја режираше Том Хингстон од филмската куќа Black Dog UK и која претставува моќен антивоен видео запис што се однесува на војните од дваесеттиот век.

Видео записот е испреплетен со застрашувачки снимки од бомбардирања, пукотници и гас-маски, а се прикажуваат и слики од војници кои сакаат барем на кратко на побегнат од мачната реалност на војната: „Во некои наши разговори, Боуви и јас дискутиравме за истражување на архивски снимки кои би прикажале една поинаква слика на војната – снимки на кои се наоѓаат војници кои слават, млади момчиња и девојки кои танцуваат, пијат и се забавуваат. Овие моменти на потполна еуфорија ставени спроти екстремното насилство веројатно ќе послужат како моќно потсетување на залудноста на војната.“ – изјави режисерот Хингстон.

 



Врати се горе ↑