Аудио sound-city

17 јануари, 2013

Дејв Грол ја претстави новата песна од Саунд Сити

Овој месец, на годинешниот Sundance фестивал, Дејв Грол конечно ќе го претстави филмот за кој многу се зборуваше во текот на минатата година. Станува збор за „Sound City“, филм за комплексот на студија Sound City во Лос Анџелес кои беа затворени во мај минатата година, а познати се по тоа што во нив се снимени многу легендарни и историски албуми, вклучувајќи го и „Nevermind“ од Нирвана. Меѓу познатите музичари кои снимале таму се наоѓаат и Флитвуд Мек, Том Пети, Најн Инч Неилд, Ерик Клептон, Нил Јанг и Металика, а имавме можност да го видиме и промотивниот трејлер за филмот.

Заедно со филмот доаѓа и саундтрак изданието „Sound City – Real to Reel“, на кое ќе се најдат песни од познати музичари снимени во познатиот комплекс од студија, а потоа Грол го најави и настапот на супербендот со името Саунд Сити Плејерс, во кој членуваат и Крист Новоселич, Стиви Никс, Џон Фогерти и многу други и кој за прв пат ќе се претстави на Park City фестивалот во американската држава Јута, додека во меѓувреме е додаден уште еден датум за крајот на месецот во Лос Анџелес.

Деновиве стигна уште една песна од филмот, а тоа е нумерата „From Can To Can’t“, која покрај Грол, ја снимија и Кори Тејлор (Slipknot), Рик Нилсен (Cheap Trick) и Скот Ридер (Kyuss). Истата можете да ја преслушате во продолжение, како и 20 секунди од пробата на Саунд Сити Плејерс проектот.

Извор: Spin/MTV 



Врати се горе ↑