Свет music-dave-grohl

5 јануари, 2013

Дејв Грол го претставува филмот „Sound City“ и нов бенд

Овој месец, Дејв Грол конечно и на пошироката публика на овогодишниот Sundance фестивал ќе им го претстави филмот за кој многу се зборуваше во текот на изминатата година. Станува збор за „Sound City“, филм за комплексот студија Sound City во Лос Анџелес кои се затворени во мај минатата година, а познати се по тоа што во нив се снимени многу легендарни и историски албуми, вклучувајќи го и „Nevermind“ на Нирвана. Меѓу познатите музичари кои снимале таму се наоѓаат и Флитвуд Мек, Најн Инч Неилс, Ерик Клептон, Нил Јанг и Металика, а за филмот се објавени и серија промотивни трејлери, од кои најновиот можете да го погледнете во продолжение.

 

 

А сега, инаку многу зафатениот Грол (во моментов снима нов албум со Квинс оф д Стоун Ејџ, режира нов спот за Саундгарден, настапува во живо со Боб Мулд и продолжува со активностите со матичниот бенд Фу Фајтерс) подготвил и ново изненадување – тој наскоро ќе го претстави и неговиот најнов бенд под името Sound City Players. Бендот, како што пишува во соопшението, е „составен од најзначајните изведувачи претставени во филмот Sound City и некои гости“. За сега не се откриваат детали, а кој е дел од новиот бенд ќе се дознае наскоро, бидејќи првиот настап е закажан за 18-ти јануари на Park City фестивалот во американската држава Јута.

 

Извор: spin.com/mtv



Врати се горе ↑