Концерт TheDeadDaisies-2015-Color

22 април, 2015

„Дед дејзис“ специјални гости на концертот на „Вајтснејк“

Авалон продикција“ со огромно задоволство информира дека специјални гости на „Вајтснејк“ со легендарната „The Purple Tour“ ќе бидат американско – австралиските „Дед дејзис“ (The Dead Daisies). Бендот е основан во 2012 година од пејачот Џон Стивенс (Jon Stevens) и гитаристот Дејвид Лауи (David Lowy). Истимениот албум го снимаат за само две недели во Лос Анџелес, а за продукцијата е задолжен прочуениот мулти-инструменталист Џон Филдс (John Fields). Ко-автор на првиот сингл од албумот е Слеш (Slash), кој исто така учествува на снимањето.

Следната година групата тргнува на турнеја низ Австралија и Нов Зеланд како специјални гости на „Зи-зи топ“ (ZZ Top) и „Аеросмит“ (Aerosmith). После оваа турнеја следува настап на „Energy Drink Uproar Festival“ каде настапуваат со „Џејнс адикшн“ (Jane’s Addiction) и „Алис ин чејнс“ (Alice In Chains), каде на денешната постава се придружуваат басистот Марко Мендоза (Marco Mendoza), гитаристот Ричард Фортус (Richard Fortus) и клавијатуристот Дизи Рид (Dizzy Reed).

 

Во февруари 2014 година бендот тргнува на својата самостојна турнеја низ Австралија, а истата година свират со „Бед компани“ (Bad Company) и „Линрд скинрд“ (Lynyrd Skynyrd) на нивната американска турнеја. Во текот на летото 2014 година „Дед дејзис“ го објавуваат ЕП-то „Face I Love“ со четири нови песни „Face I Love“, „Angel In Your Eyes“, „Your Karma и преработката на Helter Skelter од „Битлси“. На крајот на февруари оваа година тие стануваат првиот западен рок бенд којшто свири на Куба, откако администрацијата на Барак Обама воспоставува трговски односи и стануваат дел од историската културна размена како гости на кубанското Министерство за култура.

„Дед дејзис“ ја сочинуваат некои од најдобрите рок – музичари на денешницата со исклучителен свирачки стаж. Нивната музика влечи корени од хард-рокот на крајот од 70 – тите и почетокот на 80 – тите каде што е евидентно влијанието на бендовите како „Бед компани“ и „Фејсис“ (The Faces).

 

Песните за вториот албум со наслов „Revoluciòn“ напишани се и снимени за четири недели во Сиднеј. После снимањето на албумот и најавеното пуштање во продажба, „Дед дејзис“ го потврдуваат своето растечко реноме на голема концертна рок атракција, а во тој прилог им оди и настапот со легендарните „Кис“ (Kiss) на овогодинешната јунска европска турнеја.

Легендарната американско-австралиска рок група „Дед дејзис“ ја сочинуваат:

–         Ричард Фортус (Richard Fortus), гитара (поранешен член на „Ганс ед роузис“ (Guns N’ Roses))

–         Дизи Рид (Dizzy Reed), клавијатури (поранешен член на „Ганс ен роузис“)

–         Џон Кораби (John Corabi), вокал (поранешен член на „Мотли кру“ (Mötley Crüe))

–         Марко Мендоза (Marco Mendoza), бас гитара (поранешен член на „Тин Лизи“ (Thin Lizzy) и „Вајтснејк“ (Whitesnake))

–         Брајан Тичи (Brian Tichy), тапани (поранешен член на „Вајтснејк“, Били Ајдол, „Форинер“ (Foreigner), Ози Озборн)

–         Дејвид Лауи (David Lowy), гитара (австралиските бендови „Ред финикс“ (Red Phoenix), „Минк енд Док“ (Mink and Doc))

Македонскат публика ќе има единствена можност да ја види оваа супер група на концертот од „Вајтснејк“, кој ќе се одржи на 25 ноември во арената „Борис Трајковски“. Влезниците се веќе во продажба преку продажната мрежа на „Купи карти за сè“, како онлајн преку www.kupikartizase.com.

 



Врати се горе ↑