Македонија blagoj-nacoski

13 јануари, 2015

Деби на Благој Нацоски во миланската „Скала“

Македонскиот тенор и амбасадор на културата на Р. Македонија во Италија во мај годинава ќе дебитира во најпознатата оперска куќа во светот. Нацоски за прв пат ќе ја толкува улогата Понг во претставата „Турандот“ од Џакомо Пучини, а инаку за него ова е втора улога од овој композитор по улогата Горо која ја толкуваше во „Мадам Батерфлај“ на почетокот од кариерата.

„Оваа година ќе се реализира еден од моите детски соништа, а тоа е да настапам во најпрестижната оперска куќа на светот, односно миланската ’Скала’. Не можам да ја сокријам возбудата за сето тоа кога ми се јави менаџерот и кога ме извести дека сакале да ме ангажираат и тоа без аудиција. ’Турандот’ е единствената опера на Пучини која не ја довршил со компонирање поради неговата смрт. Тој оставил инструкции, а работата ја довршил композиторот Франко Алфано, чие финале ’Алфано’ е најизведувано во светот. Постои уште една, малку поретка верзија од композиторот Лучано Берио, а ние ќе го изведеме тоа финале, односно тоа се само последните неколку сцени. Добро е што имав слободно време да се одморам за новогодишните празници и да соберам енергија за тоа што ми претстои, бидејќи избројав дека во 2014 година сум остварил 70 лета со авион“, вели Нацоски.

Кастот го сочинуваат Нина Стеме од Шведска (Турандот), Александар Антоненко од Летонија (Калаф), Марија Агреста од Италија (Лиу), Александер Цимбаљук од Украина (Тимур), Анџело Веча од Италија (Пинг) и Роберто Ковата од Италија (Панг). Ќе диригира славниот Рикардо Шаји од Италија, а режијата е доделена на Германецот Николаус Ленхоф. Премиерата на „Турандот“ е закажана за 1 мај, а ќе се прикажат уште седум репризи до 23-ти истиот месец. Премиерата ќе претставува и отворање на најголемиот светски настан за 2015 во светот, „ЕХРО Милано 2015“.

2015-та Благој Нацоски ќе ја започне претежно во италијанските оперски куќи. Наскоро ќе замине за Модена, каде ќе дебитира во театарот „Лучано Павароти“, и тоа во нова (деветта) продукција на операта „Дон Џовани“. Со истата претстава ќе настапи и во театарот „Џиљо“ во Лука, а потоа ќе биде и Гроф Алмавива во „Севилскиот берберин“ во театарот „Политеама“ во Лече.

По „Дон Џовани“ на Мајските Оперски Вечери и концертот „Италијанско-македонска вечер“ во Џенова во јули, во втората половина на август Нацоски успешно дебитираше во Националната Опера во Прага во оперите „Дон Џовани“ и „Така прават сите“ од Моцарт. Во септември замина за Бангкок, Тајланд заедно со Македонската Опера и балет, а потоа следуваа настапите во Пиза, Трст каде настапи во улогата на Александар Македонски, како и Токио, Острава и Монтевидео.



Врати се горе ↑