Македонија 522ba8c20b567

10 септември, 2013

Деби на Благој Нацоски во Јужна Америка

Амбасадорот на културата на Република Македонија, Благој Нацоски продолжува да ги освојува светските оперски сцени. На синоќешното деби (9-ти септември) во театарот „Солис“ во Монтевидео, Уругвај нашиот тенор имаше успешен прв настап во Јужна Америка проследен со аплаузи и овации. Нацоски ја толкуваше улогата Фентон во операта „Фалстаф“ од Џузепе Верди, која досега ја има изведено осум пати во Сиетл, САД во 2010 година. Останатите улоги ги толкуваа Уругвајците Фернандо Барабино (Фалстаф), Ракел Пиероти (Мис Квикли), Федерико Сангвинети (Форд), потоа Лаура Делогу (Нанета) од Аргентина, која впрочем му е партнерка на Нацоски на сцената, Мурило Невес (Пистола) од Бразил и други. Диригент е Мартин Лебел од Франција, а режијата е на Алехандро Чакон од Аргентина.

Престижниот и најтиражен весник „Ел Паис“ во најавата за операта во две изданија го истакнува нашиот тенор како Македонец со богата интернационална кариера кој настапувал на престижниот фестивал во Салцбург и кој снимил ДВД за три светски продукциски куќи: Дојче Грамофон, ТДК и МР Класик.

Репризни изданија од Вердиевиот „Фалстаф“ во Монтевидео ќе има на 11-ти и 12-ти септември.

Инаку во текот на летото нашиот најпознат тенор имаше деби настапи уште во два театри. Првиот во престижната оперска куќа во Фиренца, „Маџо Музикале Фиорентино“ со шест претстави во насловната улога во операта „Орфеј во пеколот“ од Жак Офенбах. Потоа дебитираше и на Мачерата Опера Фестивал во арената Сферистерио како Лајсандер во „Сонот на летната ноќ“ од Бенџамин Бритн.

Годината полна со деби настапи Нацоски ќе ја заокружи во театарот Аурора на Малта повторно со „Фалстаф“ наредниот месец, а потоа се враќа во Националната Опера во Острава, Чешка со операта „Геновева“ од Роберт Шуман каде успешно се претстави во „Италијанката во Алжир“ во 2010.

„Оваа година во која одбележувам десет години од моето оперско деби, би ја нарекол година на дебија, како во некои улоги (Неморино, Орфеј), така и во нови земји (Литванија, Хрватска, Уругвај, Малта) и театри (Фиренца, Арена Сферистерио Мачерата). Истовремено многу жалам што морав да одбијам неколку театри и тоа Берлин, Цирих, Виши во Франција, Дрезден и Анкара поради пребукираност. Тука во Монтевидео се враќам на Верди по неколку години пауза, и со тоа придонесувам во чествувањето на 200-годишнината од неговото раѓање. Фентон е во моментов единствената вердиева улога адекватна на мојот глас.“ – изјави Нацоски.

 

 



Врати се горе ↑