Македонија 1382248_10202639495342022_1621038088_n

12 април, 2014

Деби на Благој Нацоски во Бразил

По ланскиот деби настап во Уругвај, македонскиот тенор Благој Нацоски по втор пат се враќа на јужноамериканскиот континент, овој пат во Бразил каде во недела на 13 април ќе настапи во најпрестижниот театар во Јужна Америка, Театро Мунисипал во Сао Паоло. Се работи за претставата Фалстаф, инаку последната опера на Џузепе Верди напишана по Шекспировите книги „Веселите жени Винздорки“ и „Едвард Шести“, но во модернизирана режија. Режисерот Давиде Ливермор операта ја „пренесе“ во 70-тите години од XX век во Лондон, каде Фентон (Благој Нацоски) и неговата љубовница Нанета (Бразилијанката Лина Мендез) се во панк стил.

Во насловната улога ќе настапи Амброџо Маестри кој во моментов е најпознат Фалстав во светот и кој минатиот декември ја испеа јубилејната 200-та претстава во оваа улога во Метрополитен Операта во Њујорк. Аличе е Вирџиниа Тола од Аргентина која редовно настапува со Пласидо Доминго, а диригент е Џон Нешлинг. По Сиетл, САД и Монтевидео, Уругвај за Нацоски ова е трета продукција на операта Фалстаф.

Новата година на Нацоски му започна доста успешно со настапите во операта Геновева од Шуман во Националната Моравска Опера во Острава, Чешка каде доби овации од публиката и пофалби од критиката, по што веднаш доби нови понуди за две различни опери во Националната Опера во Прага следната сезона. По Бразил повторно се враќа во Острава каде го очекуваат две репризи со операта Геновева, а потоа ќе настапи на Мајските Оперски Вечери во македонско-италијанската копродукција во претставата Дон Џовани на 18 маj. Агендата на Нацоски е исполнета до крајот на 2014 година во која ќе настапи во Токио (Јапонија), Пиза, Џенова, Трст (Италија), Прага, Острава (Чешка), Монтевидео (Уругвај) и Бангкок (Тајланд).

Театро Мунисипал



Врати се горе ↑