Балкан Helm foto by JP

7 јуни, 2014

Деби албум и турнеја на српскиот рок состав Хелм

Српската рок група Хелм, која за кратко време го премина патот од локална до регионална концертна атракција,  неодамна го објави својот деби албум и најави концертни активности за јуни, јули и август. Триото составено од Горан Такиќ Тола, Стефан Николиќ и Младен Бјелиќ, непосредно пред официјалното објавување на албумот, чија промоција за медиумите се одржа во белградската „Академија 28“, одржа дури четири концертни претпромоции во главниот град на Србија: во познатиот земунски клуб „Фест“, во ревијалниот дел на Демо Мастерс во Домот на млади во Белград и белградскиот Демо Фест Лајв во клубот „Sioux“, како и на хуманитарниот концерт во Миксер Хаус.

Официјалната турнеја по повод албумот започнува денеска, 7 јуни, со концертот во клубот „Академија 28“, а влезот е бесплатен за сите посетители. Во оваа пригода, покрај авторските песни, Хелм ќе ја почести публиката си со бројни хитови од други изведувачи. Како гостин во неколку песни позицијата на вокал ќе ја преземи Паја Богдановиќ, лидерот на составот Стерео Тип.

Следниот викенд е резервиран за настап во Јагодина (13 јуни во „Beer House“) и Бачка Паланка (Cafe & Pub Viveur), а на 20 јуни ќе свират во Чачак. По овој клупски серијал, Хелм најави и фестивалски настапи, така што на 26 јуни ќе свири на Арсенал Фест во Крагујевац, потоа на 26 јули на HillsUp фестивалот во Златибор, на кој меѓу другите ќе настапат и Лету Штуке, Ван Гог, Едо Маајка, Рамбо Амадеус и многу други, а за почетокот на август триото најавува и настап на Гитаријадата во Зајечар.

 



Врати се горе ↑