Балкан DBAU1

15 август, 2013

ДБАУ го подаруваат првиот дел од новиот албум

Три години по вториот албум, босанскиот состав ДБАУ повторно вредно работи во студио, а резултат се новите песни кои четирите момци решија да ги подарат. Од новиот албум насловен „Doctor Red“ завршени се шест песни кои под насловот „Vol. 1“ можат да се симнат бесплатно од овој линк, а можете да ги преслушате во продолжение.

„Црвениот доктор е окупаторско име за д-р Младен Стојановиќ, народен херој од Козара во НОБ“ – вака гитаристот на бендот, Дино го објаснува потеклото на насловот на албумот. ДБАУ се смета за состав кој перманентно е во потрага по нови димензии во рамките на звукот кој го свири, па и новите песни нудат некои нови хоризонти.

„Овој пат направивме нешто ново, додадовме нови димензии на нашиот звук, а мислам дека го зачувавме и нашиот, да речам идентитет. Секоја од новите песни на свој начин го претставува Дбау и она што сакаме да го порачаме. Оние кои нè следеле до сега, ќе забележат дека на новиот материјал има повеќе ’приказни’ од порано, веројатно затоа што овој пат сакаме да кажеме многу повеќе.“ – вели Дино.

Покрај работата во студио, Дбау деновиве се посветени и на видео записот за нумерата „Бејб“, која ќе се најде на вториот дел од новиот албум. Секогаш се поставува прашањето за издавачот, но момците од Приједор се потполно свесни за ситуацијата, па одлучија новиот материјал да го постават за бесплатно симнување, објаснувајќи дека потрагата по издавачи станала бесмислена.

 

 



Врати се горе ↑