Аудио 12241670_1482499485389661_473168287681357481_n

12 ноември, 2015

Давид Темелков со новиот сингл ќе го освојува Балканот

Момчето што ги освои симпатиите на публиката од целиот Балкан, а успеа и да ја расплаче неговата менторка во „Х фактор“, Давид Темелков и понатаму вредно работи на својата кариера, па после песната „Ти си моја улица“ и учеството и освоената трета награда на „Охрид фест“ со баладата „Искрено“, деновиве ја објави и темата насловена „Беше сè“.

Во издание на хрватската дискографска куќа „Хит рекордс“, Давид го сними новиот сингл и на македонски и на хрватски јазик. Како автори на песната се потпишуваат Миро Буљан (музика и аранжман) и Соња Буљан (текст на хрватски), а стиховите за македонската верзија се дело на Огнен Неделковски, додека во продукцијата им се придружи уште еден великан од регионалната сцена – Тони Цетински.

„Сметам дека авторскиот тим кажува сè за песната, а јас сум мошне задоволен од финалниот производ. Се надевам дека песната ќе ѝ се допадне на публиката и дека ќе ја почувствува целата емоција што јас ја чувствував додека ја снимав“, вели Давид.

Воодушевувањето не го крие ниту Цетински, кој вели: „После Јура Бркљача, еве уште еден мој нов и млад пејачки генијалец по име Давид Темелков. Авторите и продуценти Миро Буљан и јас, а сите заедно под закрила на нашата матична дискографска куќа ’Хит рекордс’ гордо ви ја претставуваме композицијата ’Била је боља’.“

Се чини дека на Давид му претстои одлична кариера во целиот регион, а како звучат двете верзии на новата песна можете да слушнете во продолжение. Уживајте!

Фотографии: Бранко Јуричиќ



Врати се горе ↑