Видео david01

23 ноември, 2012

Давид Нешкоски – Ново име на сцената кое ветува многу!

После долги години како гитарист на блуз бендот „Crossroad Blues Band“, Давид Нешкоски го сними и својот прв сингл. Со музиката е од својата 12 година, а сега ја започна и неговата соло кариера со авторската песна „Wild Night Out“. За песната е снимен и видео запис во режија на Христијан Конески.
Нешкоски е роден во музичко семејство во Прилеп. Свири на клавир и гитара. За кратко време музицирајќи низ градовите во Македонија, стана една од најмладите гитарски атракции. Покрај  Македонија, значајни се и настапите на меѓународните блуз фестивали во Мостар (БиХ), Сента (Србија), Варадждин и Умаг (Хрватска), Копер (Словенија) каде рамо до рамо со познати светски блуз музичари ги бранеше боите на Македонија и само го потврдруваше фактот дека Македонија е расадник на музички таленти од која било област и во кој било стил на музицирање.
Неговиот телент е забележан и од многу постари и признати музичари, како на пример Венко Серафимов и Влатко Стефановски со кои има остварено и допрва има планови за заедничка соработка. Во тек е снимањето на авторски материјал за неговиот прв самостоен албум кој ќе содржи девет композиции. Стилот кој е застапен во музиката која ја твори Давид е мешавина од влијанија од неговите музички идоли со кои тој порасна и се оформи како музичар, а тоа се Џими Хендрикс, Ерик Клептон, Стиви Реј Вон, Џон Мејер и Џо Бонамаса.
Композициите се отпеани на англиски јазик со што покрај македонските слушатели, во неговото творештво ќе можат да уживаат и слушатели и љубители на овој музички жанр и пошироко. За албумот кој ќе следи, се подготвува и соодветен видео материјал за дел од композициите, со што уште повеќе ќе се доближи до слушателската публика, бидејќи сонот на секој музичар е неговите нумери да бидат забележани и запаметени.

 



Врати се горе ↑