Концерт

25 октомври, 2017

Давид Нешкоски ќе го промовира новиот проект во „Станица 26“

Концертната агенција и продукција „3Гонга“ најавува светска премиера на триото „Проект ДАФ“ (The DAF Project) на нашиот најдобар блуз-рок гитарист Давид Нешкоски, кој дел од своето музичко патешествие го помина во САД, каде што има настапувано и соработувано со голем број познати музички имиња од блуз/рок сцената во Њујорк и Лос Анџелес. Заедно со Филип Јездиќ и Александар Шилоски, Нешкоски концертно ќе го промовира албумот „Let Go“, утревечер, 26 октомври (четврток), во ноќниот клуб „Станица 26“ со почеток од 22 часот. 

Рок-триото „Проект ДАФ“ е оформено од музичари со сериозно музичко искуство зад себе, со голем број соло изданија, снимени студиски албуми и настапи низ Балканот, Европа и САД. Снимањето на новото цеде насловено „Let Go“ го изработија Нешкоски и Шилоски, кој застана и зад  целосната аудио продукција, миксот и мастерингот. Музиката и аранжманите се сработени од сите тројца, а текстовите се на Давид Нешкоски.

19260725_349890978761493_3522482673313900021_n

Нешкоски е професионален музичар, текстописец, композитор и продуцент. Со долгогодишно искуство во бендови во земјава и странство. Со неговото трио издава 3 соло албуми, кои се одлично прифатени од македонската и странската слушателска публика. Почнувајќи од „Кросроуд блуз бенд“, потоа „Давид Нешкоски трио“, па „Проект ДАФ“ и огромниот број соработки на Давид со музичари од Лос Анџелес, Њујорк, Лондон, Берлин, Чикаго.

Ова е само почеток на работата на новото рок-трио, а се очекуваат уште голем број настапи, се планира турнеја и ќе се работи на создавање на нова музика, која ќе направи да имаме достоен македонски производ наменет за светската музичка сцена.

Покрај настапите во Македонија, значајни се настапите на меѓународните блуз фестивали во Мостар (БиХ), Сента (Србија), Вараждин и Умаг (Хрватска), Копер (Словенија), Загреб (Хр.), каде рамо до рамо со познати светски блуз музичари ги бранеше боите на Македонија. Давид има настапувано со голем број големи гитарски имиња на европско ниво, почнувајќи со домашните Дамјан Пејчиноски, Венко Серафимов, сè до најдобрите во Европа како што се Хенрик Фрајшладер, Вирџил Мекмахон, Ана Поповиќ…

Билетите за утрешната концертна промоција се во продажба наКупи карти за сè, а ќе може да се купат и на самиот влез.



Врати се горе ↑