Македонија DSC_6336-650x396

14 март, 2014

Дарко Мијалковски нов директор на Макфест

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев им ги врачи решенијата на директорите на фестивалот на музика Макфест. Со тоа, и официјално Дарко Мијалковски е новиот директор на фестивалот, Оливер Арсовски е нов уметнички директор а Трајче Јованов е новиот технички директор, пренесува Нетпрес. Заради новата поставеност на фестивалот, во кој главен финансиер е Министерството за Култура која го прогласи фестивалот за настан од национална важност, беше утврдена и нова организациона поставеност со тројно раководство.

„Јас сум сигурен дека имаме победнички тим, кој има огромно искуство зад себе и кој е гарант за тоа дека годинава Макфест ќе го вратиме на старите патеки, дека ќе имаме одлична музика и со тоа ќе имаме фестивал кој бил и ќе остане гордост за Штип. Со денешниот чин, тие ја преземаат работата за комплетно осмислување на фестивалот и јас можам само да им посакам успешна работа, бидејќи лично верувам во нив, со оглед на искуството и големиот потенцијал кој го имаат зад себе“- изјави градоначалникот Захариев.

Дарко Мијалковски, од позиција на прв човек на фестивалот изјави дека посветено ќе се работи на реализација на 29-тото издание на Макфест: „Ова е фестивал кој остави длабока трага во Македонската фестивалска но и воопшто музичко-продукциска историја. Од овој момент, ние како тим почнуваме да функционираме со една единствена заложба, „Макфест“ да биде фестивал над фестивалите. Имаме искуство, имаме програма а јас веќе започнав и првични контакти со авторите, не само од Македонија туку и пошироко, со цел нивно присуство на фестивалот. Без авторите нема фестивал, и сакам да им упатам јавно покана да учествуваат и заеднички да направиме моќен фестивал. Во овој момент не можам да ја знам финансиската конструкција, но по првите анализи, јас верувам дека ќе можам и тоа да го кажам во јавноста“ – рече Мијалковски.

Според Оливер Арсовски, новиот уметнички директор, главен предизвик за Макфест 2014 е настапот во живо во придружба на ревијалниот оркестар на МРТВ: „Моја работа е музичкиот дел, вклучително и композициите и како сето тоа да биде спакувано во еден убав производ кој ќе биде прифатен од секого. Мислам дека со враќањето на пеењето во живо во придружба на оркестар, ќе ја вратиме и сериозноста но и вистинската компетенција кога е во прашање настапот, бидејќи не можеме да дозволиме секој да пее на Макфест. Има и доволно простор на сцената, бидејќи јас го познавам добро Домот на културата, сум бил присутен со други настани, така што тоа нема да биде голема потешкотија. Исто така, имаме намера да организираме и аудиција за дебитанти, па да го избереме најдоброто кое со сигурност ќе покаже професионализам при пеење во живо“ – нагласи тој.

Според Трајче Јованов, технички директор, Макфест и годинава ќе понуди совршена аудио-визуелна форма: „Моја задача е во соработка со двајцата директори, да обезбедиме совршен аудио-визуелен пристап, пред се во поглед на звукот и сликата при преносот на телевизија. Тоа мора да биде максимално реално и да се долови звукот во салата за сите гледачи при преносот на телевизија. Тука влегуваат и обврските околу подготовка на сцена, контакти со новинарите, сместување на изведувачите и друго. И годинава можам да кажам дека „Макфест“ ќе ги понуди најновите аудио-визуелни решенија на задоволство на публиката и гледачите а со тоа ќе потврди дека останува водечки фестивал во државата“ – истакна Јованов.

Конкурсот за песни на Макфест 2014 истекува на 27-ми март годинава. Потоа ќе следи селекциона обработка на материјалот. Претходно, за избор на директори на Макфест беше објавен конкурс во дневниот печат, кој траеше од декември 2013 до февруари годинава. На конкурсот беа пријавени четорица кандидати, од кои тројца ја добија функцијата за која аплицираа. Инаку, фестивалот за првпат, наместо во втората недела од октомври, ќе се одржи во последната недела од мај

Извор и фотографија: netpress.com.mk

 



Врати се горе ↑