5 септември, 2014

Дарко Илиевски со видео запис за „Ноќ со тебе“

По два месеца посветеност и активна работа конечно го имаме финалниот производ, односно најновата песна на Дарко Илиевски насловена „Ноќ со тебе“, комплетирана со видео запис. Песната, односно музиката, текстот и аранжманот ги потпишува Лазар Цветкоски, а видеото е дело на Владимир Ивановски – Дади. Оваа нумера воедно е и најава за вториот албум кој, доколку сè се одвива според планираната динамика, треба да биде целосно готов на почетокот на следната година.

„Презадоволен сум од целокупниот производ и од целиот тим со кој работев на оваа песна. Посебно морам да истакнам дека ми беше чест што светскиот продуцент Крис Геринџер, кој живее во Њујорк и во моментов е најдобриот мастеринг инжинер, и чие име стои и зад музичките остварувања на многу светски ѕвезди како Џеј Зи, Кејти Пери, Уан Рипаблик, Снуп Дог, Мадона и многу други, учествуваше во миксањето и мастерингот на песната. Што се однесува до спотот за песната и тоа беше сосема ново искуство за мене затоа што за прв пат правам студиски спот и многу сум позитивно изненаден од креативноста на Владимир Ивановски – Дади”, вели Дарко Илиевски.

Главен модел во спотот е Илариа Кирилов, која во моментов е една од најубавите манекенки кај нас. Таа освен што ги разубави кадрите со нејзиниот изглед, е и голем професионалец и врвна танчарка.

„Дадовме сè од себе за да добиеме врвен производ кој звучи навистина светски и се надевам дека ова што го сработивме е полн погодок и отвора ново поглевје во кариерата на Дарко”, вели Лазар Цветкоски.

Што се однесува до видеото кое е дело на Владимир Ивановски – Дади,  талентираниот режисер вели: „Иако спотот е студиски и е прво вакво искуство на Дарко Илиевски, тој заедно со Илариа Кирилов успеаја да ја доловат приказната. Во правењето на спотот користевме и 3Д ефекти и се надевам дека направивме убаво парче кое ќе им се допадне на сите”. Спотот е издаден под етикетата на Горила Продукција.



Врати се горе ↑