Македонија sample0083

28 мај, 2013

Дарко Илиевски: „Не е фер!“

Променет скоро до непрепознавање, забраден и со мустаќи, популарниот пејач Дарко Илиевски како навистина да остаре неколу децении за потребите на неговиот најнов видео запис. За да ја постигне својата цел и новиот спот да изгледа како што посакуваше, ексклузивецот на Горила продукција  заборави на берберите и фризерите и се подготвуваше повеќе од четири месеци.

„Не е фер“ е насловена песната за чиј видео запис се погрижи режисерот Владимир Дади Ивановски и на кој се работеше со најнова технологија и опрема. Спотот се снимаше на неколку локации на Мавровското езеро, како и во стан и покрив на зграда во Водно.

Главната улога во спотот ја има Симона Аврамова, која за потребите на новото видео, се подготвуваше заедно со Дарко повеќе од два месеци.

„Многу сум среќен што имав прилика да работам со толку голем тим на професионалци како што се Лазар, Дади, Симона, Арменд Рамадани, Небојша Пешевски и со целиот тим на „Горила продукција“. Можеби ќе звучам нескромно, но со ова мислам дека поставуваме нови стандарди на македонската сцена во нејзиниот најкризен период. Само ќе напоменам дека ја извадив целата емоција од себе и ја претворив во песна! Спотот визуелно дава уште подобар приказ за песната и кога ќе се спои сè, се добива смислата на она што сакавме да го кажеме со целата песна“ – вели Дарко.

Новата песна „Не е фер“ е авторско дело на Даре на која што тој работеше цела година. За аранжманот пак се погрижи еминентниот продуцент Лазар Цветкоски. Промоцијата на новото видео и аудио следува наскоро.



Врати се горе ↑