5 јуни, 2013

Дарко Илиевски го промовираше новиот видео запис за „Не е фер“

Во присуство на пријателите, фановите, многу колеги од македонската музичка сцена и поддршката на целиот тим на Горила продукција, денеска, 5-ти јуни, во Салата 5 на киното Синеплекс во Сити Мол, Дарко Илиевски го промовираше неговиот нов видео запис.

Видеото за песната „Не е фер“ се снимаше на неколку локации на Мавровско Езеро, како и во стан и покрив на зграда на Водно. Тоа е дело и една од последните мајстории на режисерот Владимир Дади Ивановски и на него е работено со најсовремена филмска опрема и технологија. Дарко за потребите на видео записот и за да го постигне посакуваниот изглед на остарен човек, скоро четири месеци не ја бричеше својата брада, ниту пак ја скрати својата коса. Главната улога во спотот ја има Симона Аврамова, која за потребите на новото видео се подготвуваше заедно со Дарко повеќе од два месеца.

„Многу сум среќен што имав можност да работам со толку голем тим на професионалци како што се Лазар, Дади, Симона, Небојша Пешевски, Арменд Рамадани, и со целиот тим на „Горила продукција“. Можеби ќе звучам нескромно, но со ова мислам дека поставуваме нови стандарди на македонската сцена во нејзиниот најкризен период. Само ќе споменам дека ја извадив целата емоција од себе и ја претворив во песна! Спотот визуелно дава уште подобар приказ за песната и кога ќе се спои сѐ, се добива смислата на тоа што сакавме да го кажеме со целата песна“ – изјави Дарко.

Новата песна „Не е фер“ е авторско дело на Даре на која работеше цела година. За аранжманот, пак, се погрижи еминентниот продуцент Лазар Цветкоски.



Врати се горе ↑