Видео

29 ноември, 2018

Дарио продолжува да го освојува Балканот со „Жена за милијун година“

„Што е мое ќе си дојде“, пееше Дарио Панковски во истоимената песна што ја смести на својот седми студиски албум „Ако силно посакам“ (2016), но дури летово сето тоа ја доби вистинската смисла, обиколувајќи го светот со хрватската верзија насловена „Što je moje to će doćiОваа интересна приказна започна со една од најпознатите мотивациски говорници на Балканот, Ана Бучевиќ, која воедно и го инспирирала Дарио да ја напише оваа песна, за подоцна да стане химна на сите нејзини настани.

„Само петпати во животот ми се случило една песна да ми легне при првото слушање, а оваа песна ми легна уште во првите 30 секунди! Музиката, аранжманот, гласот, зборовите кои не ги разбирав тогаш… Целата таа вибрација на песната ме убеди дека треба да постои и на хрватски јазик и отсега ќе биде химна на сите мои настани“, рече таа, а се чини дека истиот впечаток го добиле и илјадници луѓе ширум светот, чии снимки станаа дел од официјалното видео за „Što je moje to će doći“.

Како резултат од овој и повеќе од успешен проект дојде понудата за соработка од една од најуспешните дискографски куќи на Балканот – „Југотон/Кроација рекордс“.

„Јас скоро четириесет години настапувам, од тие четириесет, триесет сме фантазирале како би било за една таква дискографска куќа да воопшто протнеш некое снимче… И сега тие ти се јавуваат и ти нудат соработка, прашуваат дали може“, откри Дарио во неодамнешно гостување во емисијата „Б со точка“ кај легендарниот Драган Б. Костиќ.

Освен правата за издавање на „Što je moje to će doći“, „Кроација рекордс“ ќе продолжи да ги издава сите нови синглови на Дарио на хрватски јазик, вклучувајќи го и штотуку објавениот „Жена за милијун година“ кој, како што претпоставувате од самиот наслов, е хрватска верзија на хитот „Жена за сто години“. Автор на музиката и текстот е самиот Дарио, а аранжманот го направи неговиот долгогодишен соработник Кристијан Габроски, додека видеото е дело на продукцијата „Фабрика“.

И навистина, што е наше ќе си дојде, а за Дарио и допрва уште ќе доаѓа!



Врати се горе ↑