Аудио

2 април, 2019

Дарио го претстави новиот сингл „Inshallah“

Популарниот македонски музичар Дарио Панковски лани започна да го освојува Балканот, поточно Хрватска, препејувајќи ги своите хитови на хрватски јазик, а реакциите беа и повеќе од позитивни. Сето тоа придонесе и за потпишување договор со една од најуспешните дискографски куќи во регионот – „Југотон / Кроација рекордс“, која ќе ги издава неговите песни на хрватски јазик.

Сепак, и покрај успехот на регионалната сцена, Дарио не ја заборава својата македонска публика, па деновиве го претстави својот нов сингл насловен „Inshallah“, кој има огромен потенцијал да им се придружи на неговите евергрини и рефрени што се пеат со генерации. Освен што ја изведува, Панковски се потпишува и како автор на музиката и на стиховите, а аранжманот го направи неговиот долгогодишен соработник и колега Кристијан Габроски. Неговиот син Бруно Панковски, пак, се погрижи сето тоа да биде заокружено со одлично текстуално видео.

Се надеваме оваа нова песна, која Дарио ја опиша дека „лета некаде помеѓу сонот и стварноста“, е и најава за нов албум што ќе го наследи Ако силно посакам од 2016 година, а додека очекуваме повеќе информации, уживајте со одличната „Inshallah“!



Врати се горе ↑