1 ноември, 2015

Дарио го најави новиот албум со „Има еден град“

„Има еден град“ е насловот на новата песна на Дарио, која деновиве беше претставена заедно со видео запис. Станува збор за балада чиј автор на музиката и текстот е самиот Дарио, аранжманот го направи Кристијан Габроски, а за видеото беше задолжена продукцијата „Фабрика“.

Песната воедно е и најава за неговиот нов албум насловен „Ако силно посакам“, кој ќе биде јубилејно 10. студиско издание за пејачот, а излегува пет години после компилацијата „Балади“ и осум години по „Човек без спомени“. На албумот ќе се најдат 10 или 11 песни, од кои 5 се веќе пуштени во етер изминативе неколку години („Зборови погрешни“, „Безобразно лажам“, „Весела песна“, „Скршено огледало“, „Трилер“), а останатите ќе бидат сосема нови и комплетни авторски дела на Дарио.

До крајот на оваа и почетокот на наредната година ќе има многу изненадувања за сите фанови на Дарио, нови песни, нови видео спотови, нов албум, промоции… Во новиот видео запис Дарио е во друштво на манекенката Цеце Орешкова, а како звучи и изгледа „Има еден град“, можете да погледнете горе. Уживајте!



Врати се горе ↑