Настани 10462832_10153030139293449_585918337918176884_n

31 мај, 2015

Данскиот рок состав „Блендед бру“ со 10 концерти во Скопје!

Љубителите на квалитетната рок музика сигурно ќе се израдуваат и ќе се приклучат во сè поголемата фан база на данските рокери „Блендед бру“ (Blended Brew) кои од 12 до 21 јуни ќе одржат дури 10 концерти во Скопје! 2015 е годината кога за прв пат во Македонија ќе имаме можност да го „вкусиме“ данскиот „мешан пијалак“, а десетте настапи во главниот град ќе се одржат на плоштадот „Филип II“, во рамките на јубилејното 10. издание на фестивалот „Баскерфест“.

Групата составена од Џими Монсон (вокал и гитара), Микел Туструп (придружен вокал и гитара), Лорд Себастијан Бек Грозет (пијано и клавијатури), Медс Бунк Јохансен (тапани) и Матијас Јоргенсен (бас и придружен вокал), свири музика зачинета со елементи од рок звукот на седумдесеттите и гранџот од деведесеттите години, но во фокусот е ставен нивниот уникатен и веќе препознатлив идентитет.

Блендед бру“ на 30 јануари годинава го објави својот деби албум насловен „Hand Patrones“, кој се финализираше во легендарното лондонско студио „Еби роуд“ (Abbey Road) од страна на Греми наградениот продуцент Шон Маги (Sean Magee), кој соработувал со имиња како што се „Битлси“, „Пинк флојд“ и други.

Во изминатите неколку години групата веќе го привлече вниманието на публиката од целиот свет, одржувајќи турнеи ширум Европа, САД и Кина, а како звучи нивната одлична музика можете да слушнете во продолжение. Уживајте!
И.Ј.


Врати се горе ↑