19 мај, 2013

Данска победи на Евросонг: Погледнете кој како гласаше

Синоќа заврши овогодинешното 58-мо издание на Евровизија, а победичката песна очекувано беше „Only Teardrops“ од данската претставничка Емели де Форест (20), која собра вкупно 281 поен. Веднаш позади неа со 234 поени заврши Азербејџан, а на третото место се најде украинката Злата Огњевич. Според податоците објавени на Wikipedia, песната „Hold Me“ од азербејџанскиот претставник Фарид Мамадов доби најмногу 12-ки (од 10 земји), а веднаш позади него со осум 12-ки е победничката „Only Teardrops“.

Нашите претставници Есма и Лозано настапија на втората полуфинална вечер и добија вкупно 28 бодови од кои една 12-ка од соседна Албанија, со што се пласиравме претпоследни, односно 16-ти (од вкупно 17). Поените за „Пред да се раздени“ ги добивме од Сан Марино (2), Малта (5), Бугарија (5), Албанија (12) и Швајцарија (4).

За време на втората полуфинална вечер, Македонија гласаше вака: 1 поен за Романија, 2 за Летонија, 3 за Бугарија, 4 поени за Грузија, 5 за Сан Марино, 6 за Грција, 7 за Норвешка, 8 за Азербејџан, 10 за Албанија и 12 поени за Малта. Во финалната вечер 10 поени од Македонија отидоа за италијанскиот претставник Марко Менгони, а 12 за победничката „Only Teardrops“. Повеќе детали за гласовите на сите земји во втората полуфинална вечер (кога настапи и Македонија) и големото финале од синоќа можете да видите во табелите во продолжение.

*Табелите се преземени од Wikipedia



Врати се горе ↑