16 мај, 2015

Даниел со песна ѝ го честита роденденот на „Евровизија“

Даниел Кајмакоски реши со песна да ѝ го честита 60. роденден на „Евровизија“, па за оваа пригода направи одлична преработка на неговата омилена евровизиска песна – евегринот „Hold Me Now“, со кој познатиот ирски пејач Џони Логан триумфираше на фестивалот во 1987 година. Логан, кој е и комплетен автор на песната, е и единствениот изведувач на „Евровизија“ што победил два пати (првиот пат беше во 1980 година со песната „What’s Another Year?“), како и единствениот автор кој се потпишал на три победнички песни (освен на неговите две, автор е и на „Why Me?“ во изведба на Линда Мартин, која победила во 1992 година), а Ирска сè уште е земја со најголем број победи (7) во историјата на фестивалот.

„Hold Me Now“ е изгласана и за трета најдобра песна во историјата на „Евровизија“, веднаш зад хитовите „Waterloo“ на „АББА“ (1. место за Шведска во 1974 година) и „Nel blu dipinto di blu (Volare)“ од Доменика Модуњо (3. место за Италија во 1959 година). 61-годишниот Логан минатиот месец гостуваше на роденденската евровизиска манифестација во Лондон, во чии рамки настапија уште дваесетина досегашни победници на фестивалот, а присутна беше и првата победничка од 1956 година – 91-годишната Лис Асија, која тогаш ја претставувала земјата домаќин, Швајцарија (целиот концерт можете да го гледате овде).

Новата, роденденска верзија на Даниел Ве очекува горе, а во продолжение потсетете се како изгледаше тоа во 1987 година, како и минатиот месец на евровизискиот концерт во Лондон.

И.Ј.

 



Врати се горе ↑