Македонија 21093_774863942603992_2892425253903954119_n

21 март, 2015

Даниел најави нова песна и видео запис

Иако се подготвува за настапот на Евровизија во Виена, каде што ќе ја претставува Македонија со темата „Autumn Leaves“, Даниел Кајмакоски вредно работи и на нов материјал. Пејачот преку својата фан страница на Фејсбук најави дека наскоро ќе претстави нова песна, која ќе биде претставена заедно со видео запис, а објави и неколку фотографии од снимањето на истиот.

Кајмакоски со евровизискиот видео запис, во кој се појавува дури на крајот, ја остави Европа во прашалници, па голем број на интернет портали ширум континентот почнаа да се интересираат и да прашуваат што е тоа што тој го крие. На промоцијата на видео записот, Кајмакоски објасни дека видеото со цртежите создадени токму од него, е тажна љубовна приказна од неговото детство, но дека приказната сепак не е завршена. Затоа тој побара помош од сите евровизиски фанови ширум Европа да му помогнат во одлуката што треба да му се случи на карактерот од спотот на крајот.

Ирскиот евровизиски портал „Јуровижн Ајрленд“, нашиот Даниел го прогласи за интернационален маж на мистеријата, не само заради видео записот, туку и поради „специјалното изненадување“, кое тој го подготвува за на сцената во Виена. Тимот на Даниел чува сè во најголема тајност сè додека не започнат пробите во Виена, а дотогаш имаме за што и да размислуваме, пишува на eurovisionireland.net, каде што на прашањето која земја од првата полуфинална вечер треба да оди во финале, најголемиот број читатели гласале токму за Македонија.



Врати се горе ↑