Македонија 11050180_10206259990808705_7731982216555879202_n

9 март, 2015

Даниел на Евросонг ќе пее на англиски јазик

Во студиото на Роберт Билбилов деновиве интензивно се работи на англиската верзија на песната „Лисја есенски“, со која Даниел Кајмакоски ќе ја претставува Македонија на годинешното  издание на „Евровизија“.

„Во моментов сме концентрирани и напорно работиме на новиот аранжман на песната на англиски јазик. Даниел, во Виена, на Евросонг, ќе се претстави на англиски јазик. Публиката ќе одлучи како ќе звучи и дали ѝ се допаѓа новиот аранжман на песната“, изјави Билбилов за „Вест“, додавајќи дека не е исклучена можноста и за понатамошна соработка. Познатиот композитор соработуваше со Кајмакоски и за дуетот со Тамара Тодевска, баладата „За миг“, којашто беше претставена непосредно пред Новата година.

Даниел неодамна ја сними и евровизиската разгледница, која ја реализира австриската телевизија ОРФ. Во сценариото, поштар од „Македонска пошта“ му доставува подарок на Даниел, а желбата што ќе ја посака тој, ќе му ја исполни организаторот на Евросонг кога ќе пристигне во Австрија. Во разгледниците се вклучени и други национални пошти од цела Европа, кои се снимаат според мотото на Евросонг – „Градиме мостови“.

На јубилејното 60. издание на Изборот за песна на Евровизија годинава ќе се натпреваруваат вкупно 40 земји, вклучувајќи ја и Австралија. Двете полуфинални и финалната вечер ќе се одржат на 19, 21 и 23 мај во Виенската градска сала, која е со капацитет од 16.000 места и беше домаќин на Европското ракометно првенство во 2010 година, а Даниел со „Лисја есенски“ ќе се натпреварува во првата половина од првата полуфинална вечер. Поголемиот дел од песните се веќе објавени, а останатите ќе бидат претставени во текот на месецов.

Извор: Вест / Фотографии: Фејсбук



Врати се горе ↑