Видео

1 февруари, 2018

Даниел Коцалев се враќа со „По тебе сонувам“

По пауза од пет години откако ја објави темата „За тебе“, Даниел Коцалев повторно се активира на музичката сцена со нова песна. Станува збор за темата насловена „По тебе сонувам“, чија музика, аранжман и продукција се на Јане Дунимаглоски, кој свири и на соло-гитара, а стиховите ги потпишува Дејан Панов, додека на пијано гостува Атанас Елинидис. Придружните вокали, пак, заедно со Јане ги отпеа и Магдалена Котеска, а за видеото и неговата обработка се погрижи Дејан Панов.

„Со Јане сме добри пријатели веќе подолго време, а тој ја имаше музиката сокриена во неговото оргомно ателје… Ми се допадна уште првиот пат кога ја слушнав и почнавме да ја работиме, а на мое огромно задолство го запознав и Дејан Панов, уште поголем ентузијаст и текстописец на песната, кој воедно стои и зад целокупното снимање на спотот, навистина одличен продуцент. Тие двајца ми се искрено инспирација за еден ваков проект“, ни откри Даниел, кого македонската публика го запозна како натпреварувач во музичкото шоу „Мак ѕвезди“ во 2007 година, каде што победи токму Јане.

„Имаме уште неколку композиции кои што се на ред во студио и чекаат да бидат снимени. Во наредниот период ќе се потрудиме да ја испромовираме оваа композиција, па здравје Боже од март натаму седнуваме во студио и ќе подготвиме барем уште две песни“, ветува скопјанецот со адреса во Минхен, Германија, каде што редовно настапува со својот бенд, но и организира настапи на македонски пејачи, меѓу кои и Сузана Гавазова, чиј концерт е закажан за 24 февруари.

Му посакуваме многу успех на Даниел и се надеваме дека наскоро ќе нè почести и со цел албум, а и концерт во Македонија. Дотогаш уживајте со најновото од него, „По тебе сонувам“!

И.Ј.



Врати се горе ↑