Видео 1004859_10152249501243236_1926360805_n

24 март, 2014

Даниел Кајмакоски победник на X Factor!

Вчеравечер во белградската „Комбанк арена“ се одржа долгоочекуваното супер финале на првиот регионален X Factor. Овој светски популарен музички натпревар, чиј идеен творец е познатиот музички менаџер Сајмон Кауел, стигна на Балканот минатото лето, а во изминативе неколку месеци имавме можност да ја следиме оваа приказна од аудиициите на околу 8000 пријавени кандидати од целиот регион, потоа селекциите во регрутниот камп, домовите на судиите, финалните вечери во живо сè до синоќешното супер финале, кога беше избран победникот.

Со надеж за промоција и напредок во светот на музиката, на овој натпревар се пријавија кандидати од скоро сите земји на поранешна Југославија: Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека жителите на Хрватска и Словенија имаа можност да гласаат во текот на финалните емисии во живо. По неизвесните први фази од натпреварот, четиричленото жири составено од Жељко Јоксимовиќ, Емина Јаховиќ, Кики Лесендриќ и Кристина Ковач ги избра 12-те, односно 14 финалисти, а само 5 од нив успеаја да се пласираат во големото супер финале, меѓу кои и единствениот македонски финалист Даниел Кајмакоски.

За титулата победник на првиот регионален X Factor се бореа групата Доктори и Лукијан Ивановиќ, кои го напуштија натпреварот во првиот круг на гласање, третата награда отиде во рацете на „човекот драма“ Маид Хеќимовиќ, а последниот дуел беше помеѓу Тамара Милановиќ и Даниел Кајмакоски. И покрај бројните шпекулации дека натпреварот е наместен, сепак победникот на првата сезона од X Factor е нашиот  Даниел Кајмакоски, кој уште од првата аудиција стана миленик на публиката од целиот регион.

Со оваа победа Кајмакоски добива договор со издавачката куќа Сони Мјузик, која ќе му овозможи снимање на албум и два видео записа, потоа парична награда од 10 000 евра, како и автомобил Мини Купер. Скромното момче од Мислешево е уште еден доказ за музичките таленти со кои изобилува Македонија, а ние му ја честитаме победата и му посакуваме успешна кариера!

Во продолжение можете да ги погледнете сите настапи на Даниел од синоќешното супер финале, во чии рамки настапија и специјалните гости Марија Шерифовиќ, која премиерно ја претстави својата нова песна „Ја волим свој грех“, потоа нашата евровизиска претставничка Тијана Дапчевиќ со изведбата на евровизиската тема „To The Sky“, менторот и судија Кики Лесендриќ со групата Пилоти, како и германското дуо Медлик (Madlick). 

Sex On Fire (Кингс оф Лион)

 

Angels (Роби Вилијамс)

 

The Hardest Thing (Toше Проески)

 

Red (Даниел Мериведер)

 

Прогласувањето на победникот и победничкиот настап!

Насловна фотогрфија: Марко Тодоровиќ



Врати се горе ↑