Македонија daniel-kajmakoski

27 ноември, 2013

Даниел Кајмакоски e потенцијалниот победник на X factor

Синоќа се емитуваше четвртата епизода од првото издание на регионалниот X Factor, а како „шлаг на тортата“ беше настапот на 29-годишниот стружанец Даниел Кајмакоски, кој ги воодушеви сите присутни во салата, а пофални зборови имаше од сите членови на жирито – Кристина Ковач рече: „Мислам дека сме во присуство на победникот на X Factor“, Кики Лесендриќ и Емина Јаховиќ беа воодушевени, а Жељко Јоксимовиќ додаде: „Сè уште не сум сретнал човек од Македонија што не пее добро. Моите пријатели ми кажуваат дека ако некој пее фалш, веднаш доаѓа полиција и му го одзема државјанството за да не биде повеќе Македонец.“

Иако до сега не беше познат за македонската јавност, Даниел е автор на музиката и текстот на големиот хит „Не се враќаш“ од Каролина Гочева. Талентираниот стужанец со неговото семејство се преселил во Виена, Австрија, кога наполнил шест години, но кога дознал за X Factor, решил да си ги спакува куферите и да се врати во Македонија: „Знаев дека ова е шанса за мене која не смеам да ја пропуштам. Се вратив во Македонија, се пријавив на аудициите и морам да кажам дека ја направив вистинската работа. Сметам дека допрва за мене доаѓаат убавите денови.“ – изјави Кајмакоски во интервју за весникот Вечер.

Покрај пеењето, Даниел свири на пијано, а неодамна научил да свири и гитара. Аудицијата на X Factor  и изведбата на песната „Red“ од Даниел Мериведр можете да ја видите во продолжение, а целосното интервју за Вечер прочитајте го на овој линк.

Насловна фотографија: Кристијан Теодоров

 



Врати се горе ↑