Македонија Daniel Kajmakoski

15 октомври, 2015

Даниел Кајмакоски е „Најдобар изведувач на Балканот“!

„Сонцињата“ одлично си ја завршиле работата и можат конечно да здивнат бидејќи нивниот идол Даниел Кајмакоски е годинешниот добитник на престижната награда „Најдобар изведувач на Балканот“ (Best Adria Act) за европските музички награди на Ем-ти-ви! Најдобриот регионален изведувач, според мислењето на публиката, освои најголем број гласови во изминатите четири недели. Со добивањето на ова признание, Даниел ја продолжува борбата за уште една награда – „Најдобар европски изведувач“ (Best Europe Act). Гласањето за оваа категорија започнува денеска на веб страната www.mtvema.com и ќе трае сè до сабота, 24 октомври на полноќ, а победникот ќе биде прогласен еден ден подоцна, на самата манифестација за доделување на европските музички награди во Милано.

„Самата номинација, во категорија со признати музички имиња, за мене беше огромна чест и признание. Оваа награда е огромно изненадување, а воедно и голема мотивација во понатамошната кариера! Им благодарам на сите фанови кои одвоија време да гласаат и кои цело време ме поддржуваат како едно! Благодарам и на Ем-ти-ви за оваа можност и се надевам дека ова е само почеток на заедничката соработка“, изјави Кајмакоски, за кого ова е прва награда од познатиот музички канал.

Инаку, Кајмакоски во овој „круг“ успеа да ги победи конкурентите „Ту челос“, Марчело, Сасја и „Хладно пиво“, а допрва го очекува уште потешка битка, каде се натпреваруваат дури 19 изведувачи, меѓу кои романската ѕвезда Ина, британската група „Литл микс“ и други. За да се закити со уште една награда, Кајмакоски можете да го поддржите со тоа тоа што ќе продолжите да гласате до 24 октомври на ОВОЈ ЛИНК!

Шест победници од сите краишта на светот, односно по еден победник од Европа, Северна Америка, Латинска Америка, Африка и Индија, Австралија и Нов Зеланд и Азија, ќе биде објавен на 25 октомври, на свеченото доделување на европските музички награди на Ем-ти-ви за 2015 година, кое ќе се одржи во Милано, Италија. Преносот во живо ќе можете да го проследите в недела, 25 октомври, на регионалниот канал на Ем-ти-ви со почеток од 20.00 часот, кога ѕвездите ќе пристигнуваат на црвениот килим, а самата церемонија ќе започне во 21.00 часот. Гласањето во сите категории се одвива на mtvema.com.

Како што е веќе познато, водители на манифестацијата ќе бидат британскиот музичар Ед Ширан и манекенката Руби Роуз, додека музички настапи ќе имаат Фарел Вилијамс, Ед Ширан и „Рудиментал“, Ели Гоулдинг, Меклмор и Рајан Луис, „Фифт хармони“, Џејсон Деруло, Тори Кели, Џејмс Беј, Џес Глин и други.

По бројот на номинации предводи Тејлор Свифт, која е во трка за дури девет статуетки, а веднаш зад неа е Џастин Бибер со шест номинации, коишто му ги обезбеди најновиот сингл „What Do You Mean“.

Доделувањето на европските музички награди на Ем-ти-ви е настан кој секоја година ги слави најдобрите уметници од целиот свет. Станува збор за единствена музичка платформа која се пренесува на 60 канали на Ем-ти-ви ширум целиот свет. Проследете ја и годинава оваа музичка манифестација и коментирајте на социјалните мрежи користејќи ја ознаката #MTVEMA!

 



Врати се горе ↑