Концерт

31 јануари, 2019

Дани ќе прослави 20 години на сцената со „Рок-симфонија“ во Македонската филхармонија

Познатата поп и рок-пејачка Дани Димитровска ќе одбележи 20 години на македонската музичка сцена со јубилеен концерт во Македонската филхармонија. Единственото музичко доживување е закажано за 7 март, кога Дани ќе пее во придружба на филхармонискиот оркестар и под диригентската палка на Бисера Чадловска.

Досегашната дведецениска кариера на Димитровска е исполнета со бројни хитови, видеа, фестивалски и концертни настапи, награди и признанија, успеси на домашните регионалните топ-листи, како и трите студиски албуми „Ти да ме имаш“ (2006), „Во меѓувреме“ (2010) и „Град за љубов“ (2017), а позната е и по своите заложби во повеќе хуманитарни кампањи и како активистка за човекови права.

Влезниците за славеничкиот концерт по цена од 600 денари се веќе пуштени во продажба онлајн на „МК Тикетс“, „Карти“ и во продажните места на „Литература.мк“ во Скопје. Настанот е во организација на „ДНА комјуникејшн“ и е со почеток од 20.30.часот.

Во продолжение потсетете се на сосема првиот настап на Дани на „Макфест“ во 1999 година, кога настапи со темата „Само ти ми требаш“. Уживајте!



Врати се горе ↑