Видео

15 ноември, 2017

Дани го промовираше албумот „Град за љубов“

Дани Димитровска го претстави својот нов албум насловен „Град за љубов“, чија промоција пригодно се одржа на 13 ноември – денот на ослободувањето на Скопје. Ова трето по ред издание на Димитровска содржи вкупно осум нумери, дел од нив веќе познати за македонската публика, а дел се сосема нови песни.

23517824_1653788894641975_3742829858226261370_n

„’Град за љубов’ инспирира на враќање на другарскиот дух во градот. За суштински вредности зборуваме, оние подзаборавените. За време на промоцијата видов дека музиката сè уште се сака, видов дека македонската музичка култура се издигнува со поддршка и љубов. Истото што го пеам и зборувам за луѓето и животот и градот. И тоа е суштината, и таа ми е на албумот“, рече Дани на промоцијата, која се емитуваше во живо и на нејзината фан-страница на Фејсбук.

23380065_1652902198063978_3860781721420109536_n

И за овој материјал пејачката ги здружи силите со долгогодишната соработничка Весна Малинова Бабамова, со која соработува веќе 18 години и која ги потпишува сите текстови, аранжер и продуцент е Кирил Бабамов, а снимен е во студиото „ХЛ“ на Дејан Момировски со сите инструменти во живо. На промоцијата што се одржа во клуб-ресторанот „МКЦ“ во Скопје и на која присуствуваа голем број од нејзините колеги од естрадата, премиерно беше претставено и новото видео за темата „Лево, десно“.

 

„Град за љубов“ е трет албум во 20-годишната кариера на Дани, чие првенче „Ти да ме имаш“ излезе во 2006 година, а вториот насловен „Во меѓувреме“ беше објавен во 2010. Како најава за албумот, во мај беше објавен синглот „Нема две“, со придружното видео што содржи сцени од првиот колор филм за Скопје, „Градот на Вардар“, снимен во 1962 година, во режија на големиот македонски филмски уметник Бранко Гапо.



Врати се горе ↑