Свет

14 март, 2019

Дали Португалија повторно ќе изненади на „Евровизија 2019“?

Преслушувајќи ги песните од годинашнава „Евровизија 2019“, можеби единствената (освен нашата) што ми го привлече вниманието и ме натера да ја преслушам/прегледам уште еднаш беше онаа на Португалија. Земјата со најдолг стаж и со само една историска победа во 2017 (Салвадор Собрал) е и земја која ниту еднаш не направила отстапка во поглед на јазикот и сите 50 песни што ги пратила биле отпеани на португалски јазик. Некои ќе речат дека тоа била и причината што не победувала, но токму Собрал пред две години ни докажа дека за музиката не постојат граници, дури и кога не го разбираме јазикот – но пораката јасно сме ја разбрале преку нотите…

„Евровизија“ е таква каква што е и песните се можеби половина од потенцијалниот успех, а другата половина е сценскиот настап, но и необичноста и способноста да се издвои од другите по која и да е основа. Токму така може да се опише и годинашната португалска песна „Telemóveis“ или „Мобилни телефони“, авторско дело на самиот изведувач Конан Озирис. Со мешавина од различни ритми и ориентални звуци, дополнета со навидум едноставна, дури и по малку смешна кореографија и костимографија, песната се издвои како фаворит и на националиот избор во Португалија, а на официјалниот евровизиски канал на Јутјуб досега има (просечна) посетеност со нешто повеќе од 330.000 прегледи.

 

Но, интересот во пресрет на фестивалот беше мал и за баладата „Amar pelos dois“ на Салвадор Собрал, за која, ако се сеќавате, не беше ни предвидена победа сè до самото финале. До некаде слична беше ситуацијата и со скандалозната „1944“ на украинската претставничка Џамала, која триумфираше во 2016, „крадејќи“ му ја победата на рускиот фаворит Сергеј Лазарев, кој годинава уште еднаш ќе си ја проба среќата да триумфира за својата земја.

По објавувањето на сите песни за годинашниот натпревар, евровизиските љубители веќе почнаа и да се обложуваат за потенцијалниот пласман и победа на своите фаворити, а иако досега нема промени меѓу првите пет, Португалија успеа да се искачи до 8. место. Секако дека во наредниве два месеца ќе има доста време за да ни легнат песните, па состојбата на оваа листа сигурно ќе претрпи повеќе промени, вклучувајќи го и предвидувањето за нашата Тамара, чија химна „Proud“ досега се искачила до 21. место.

Додека повеќето песни изминативе години звучат како намерно да се труделе да бидат соодветни за на радио и лесно да се вклопат во тековните плеј-листи со најголемите хитови, сè уште ги има и оние кои се држат до својот јазик и култура бидејќи, на крајот од денот, „Евровизија“ е сепак натпревар меѓу европските земји и култури. Можеби најмудрата комбинација ја имаше минатогодишната победничка Нета, која иако хитот „Toy“ го отпеа на англиски јазик и го дополни со комична кореографија, сепак вметна етно-елементи карактеристични за нејзината култура, а слично како и ние годинава, ја искористи темата за зајакнувањето на жените ширум светот.

Што се однесува на нашата песна, без оглед на пласманот во полуфиналето и финалето, има огромен потенцијал да одолее на забот на времето, пред сè заради самата раскошна композиција и минимална продукција, но и моќниот вокал и емотивната изведба на Тамара. А во врска со самата тема, ако некои речат дека е наменета само за жените, сигурно ќе погрешат бидејќи сите девојчиња и жени имаат и татковци, нели? И секој татко сигурно ќе сака истото да ѝ го порача на својата ќерка, но и сестра, внука…

 

Дали ќе победи Португалија, или пак моменталниот фаворит Холандија, а можеби конечно и Северна Македонија, ќе дознаеме на 64. издание на „Евровизија“, во мај во Тел Авив. Среќно!

Ивона Јанкова



Врати се горе ↑