Видео

8 декември, 2017

Дајна Џејн и Леона Луис нè почестија со празничен дует

Со студените декемвриски денови започнуваат и подготовките за празничната сезона, а ништо не може да го разубави овој период од годината поубаво од музиката. Кој од задоволство, кој за профит, голем број од музичките ѕвезди секоја година се одлучуваат да снимат барем по некоја песна, па и цел албум со празнични песни, без оглед дали станува збор за преработка на класици или нов, авторски материјал.

За нас, верните слушатели и љубители на музиката, секогаш е задоволство да се слушне нешто ново, особено од одлични вокалисти, како што во случајов се Дајна Џејн и Леона Луис. Имено, едната четвртина од американската групата „Фифт хармони“ и британската дива, на кои заедничко им е тоа што своите кариери ги започнале со учество на популарниот музички натпревар „Х фактор“, решија да нè почестат со еден навистина прекрасен празничен дует.

Во придружба на пијано, талентираните дами отпеаја мешавина од најпознатите божиќни класици, како што се „Silent Night“ и „Have Yourself A Merry Little Christmas“, а како звучи сето тоа можете да слушнете во продолжение.

Инаку, за Леона ова е прва песна после пауза од речиси две години откако го објави својот 5. по ред студиски албум „I Am“ (2015), кој беше прв и последен под капата на „Ајленд рекордс“, чиј договор го раскина во јуни минатата година. Во меѓувреме дебитираше и на Бродвеј со улогата на Гризелда во мјузиклот „Мачки“, но по само четири месеци го напушти и овој проект. Засега нема информации во која насока и под чија закрила ќе се одвива следното поглавје во нејзината кариера, па не е исклучена можноста да трне по стапките на колегата Џејмс Артур и да ја обнови соработката со Сајмон Кауел, чија етикета „Сајко“ го објави и нејзиното прво празнично издание „Christmas, With Love“ (2013).

Дајна Џејн, пак, како и останатите девојки од групата, паралелно работи и на соло-проекти, а oсвен соработката со Леона, неодамна гостуваше и во синглот на РедУан (RedOne), Деди Јенки и Френч Монтана – „Boom Boom“.

И.Ј.



Врати се горе ↑