Свет daft_punk__kanye_west

16 април, 2013

Дафт Панк снимија две песни за новиот албум на Канје Вест

Познатото француско електро дуо, кое претходниот викенд на Coachella фестивалот во Калифорнија делумно ја претстави својата нова песна „Get Lucky“(снимката погледнете ја најдолу), во која гостува Фарел Вилијамс, за магазинот Ролинг Стоун открива дека снимиле две нови песни со Канје Вест, како и тоа дека тој едноставно „врескал“ во своите вокални делови: „Беше многу сурово: тој рапуваше, а всушност урлаше, испушташе звуци кои можеме да ги опишеме како примални крици“ – рекол Томас Бангалтер, додека неговиот колега Ги-Мануел д Омам-Кристо додал: „На Канје не му е гајле за ништо. И тој е добар пријател.“

Филмскиот режисер Мајкл Гондри исто така потврдил дека ги слушнал песните кои заедно ги снимија Вест и Дафт Панк, а тоа го прокоментирал вака: „Една од нив, веднаш му реков, ми звучеше солидно и моќно – замислував разни коцкасти нешта кога ја чув, имав некои идеи. Но, ми одговори дека Крис Канингам веќе снима видео записи за нив!“

Канје Вест на неодамнешниот настап изјавил дека ќе објави нови материјали „за неколку месеци“. Дафт Панк се подготвуваат да го објават нивниот долгоочекуван нов албум „Random Access Memories“ на 21-ви мај, кој веројатно на 17-ти мај ќе има глобална премиера на панаѓур во малото австралиско гратче Wee Waa. За ова издание дуото соработуваше со имиња како што се Панда Беар, Џулиан Касабланкас (Д Строукс), Тод Едвардс, диџеј Фалкон, Чили Гонзалес, Џорџо Мородер, Најл Роџерс, Пол Вилијамс и Фарел Вилијамс, кој гостува за нумерата „Get Lucky“, а како тоа звучи можете да погледнете во продолжение.

 

 Извор: NME



Врати се горе ↑