Свет daft-punk-410

12 април, 2013

Дафт Панк се „лансираат“ од Австралија

Најпопуларното француско денс дуо, Томас Бангалтер и Ги Мануел д Омам-Кристо, односно Дафт Панк своето ново издание насловено „Random Access Memories“, најавено за 20-ти мај, премиерно ќе го претстават на 17-ти мај во малечкото австралиско гратче по име Wee Waa, кое се наоѓа во покраината Нов Јужен Велс и има популација од 2100 жители.

Веста беше потврдена и на австралискиот ABC News, а градоначалникот на округот Нарабри (кадешто се наоѓа ова гратче), Конрад Болтон изјавил дека албумот ќе биде претставен на годишниот настан на кој ќе се случува вистински панаѓур! Како што вели тој, планирани се и „натпревари на животни, избор за најубава девојка во округот, натпревар во сечење дрва и друго.“ Болтон додал дека кога прв пат бил запознат со плановите на бендот и компанијата Sony да го претстават албумот на овој настан, помислил дека „веројатно е некоја шега“, но наскоро потоа компанијата Sony  ја регистрирала и страната www.daftpunkweewaa.com на која се очекува овој настан, за кој ограничениот број од 4000 влезници се веќе пуштени во продажба, да биде пренесуван во живо ширум цел свет.

Како што пишува New Musical Express, овој потег не е толку невообичаен за ова ексцентрично дуо, а нема да биде изненадување доколку и самите членови на бендот не присуствуваат лично на овој настан. Покрај веќе потврдените гости како што се Најл Роџерс, Гонзалес и Џорџо Мородер, се очекува дека на албумот „Random Access Memories“ ќе се појават и соработки со изведувачи како што се Џулиан Касабланкас (од Д Строукс), Панда Беар и Фарел Вилијамс.

Настанот ќе започне во моментот на залезот на сонцето со придружни визуелни ефекти. Во продолжение слушнете ги сите промотивни „тизери“ од албумот споени во една трака.

 

Извор: NME, MTV



Врати се горе ↑